Image Haddad, хрватски бренд што е присутен и во Македонија, Словенија и Босна и Херцеговина, го претстави својот проект Интерактивен излог, чија цел е унапредување на продажбата, пренесува Пословни дневник.
Со помош на модерните технологии, стаклените површини на излогот се претвораат во екран што е чувствителен на допир. Преку touchscreen апликацијата, корисниците ќе можат поедноставно да ги разгледуваат моделите што се дел од колекциите на Image Haddad. Со изборот на посакуваниот модел се појавуваат сите релевантни информации, се нуди можност да се оцени производот, а омилената гардероба може да се сподели со пријателите на Facebook.
За секој производ софтверот на корисникот му предлага модели со кои што може да се комбинира. Во изработка е и функцијата – стилист, која на купувачите им овозможува комбинирање на артикли на виртуелна кукла, а модните комбинации можат да се споделат со другите.
Апликацијата е изработена во соработка со хратската компанија Myrio Solutions. Првиот интерактивен излог се наоѓа во бутикот на Image Haddad во Загреб, а доколку реакциите на купувачите бидат позитивни, пилот проектот ќе заживее и во останатите продавници. Станува збор за посебна фолија која се лепи од внатрешната страна на излогот, со што надворешната страна ја претвора во екран на допир. Проекторот е поврзан со компјутер што ги прикажува сликите на фолијата. Апликацијата е мошне едноставна за користење и функционира како и апликациите за паметните телефони.
“Ни пристапи компанијата што развива софтвери, Myrio Solutions, и заедно дојдовме до замислата апликацијата да биде атрактивна за да се најде на самиот излог. Направивме истражување и пронајдовме производител во Велика Британија што произведува фолии за оваа цел. Проектот е во почетна фаза, а софтверот се уште се надградува и се усовршува со цел да биде поедноставен и поатрактивен за употреба“, вели помошникот на главниот менаџер, Марко Хадад.