Дизајнирано од Бугати и главниот архитект и извршен директор Мухамед Бингати, ова уникатно архитектонско ремек-дело во срцето на Дубаи е единствената резиденција на брендот Бугати во светот.
Обложен со брусен алуминиум, издигнувајќи се на височина од повеќе од 200 метри и заземајќи доминантна позиција во центарот на најпопуларната туристичка дестинација во светот, „The Bugatti Residences by Binghatti“ ќе обезбеди исклучително пространи урбани апартмани. Секој стан е уникатен и ниту еден распоред не е сличен на друг, а со висина на таваните од 3,9 метри, чувството на просторност ќе биде очигледно, пишува во огласот на „Њушкало“, каде што се продаваат станови во луксузен облакодер изграден од Мате Римац и Бугати.
Само за еден пентхаус треба да се издвојат 192 милиони евра.
„Бугати резиденс“ ќе има плажа долга 60 метри, што ќе ја направи една од најголемите во центарот на градот. Песокот, фауната и палмите се набавени од Азурниот Брег за да го продолжат стилот на југот на Франција во овој проект. „Бугати резиденс“ ќе ви понуди уникатно искуство за живеење во срцето на Дубаи – пишува во огласот на една загрепска агенција.
Како што вели Мате Римац, овие станови се за сите оние што не се срамат од своето богатство.
– Дубаи е најдоброто место за богатите да уживаат во луксуз и во сопственото богатство – изјави Мате Римац, извршен директор на Бугати Римац по повод изградбата на луксузниот резиденцијален облакодер Бугати резиденс во Дубаи. Имено, Бугати резиденс ќе располага со 171 вила и 11 пентхауси, од кои секој ќе биде апсолутно уникатен со сопствен распоред по нарачка.
Становите се опремени со луксузни погодности, вклучувајќи плажа, приватен базен, џакузи-спа, фитнес-клуб, личен батлер, готвач, ексклузивен приватен клуб и два лифта за автомобили од гаражата до пентхаусот.
– Во некои европски градови се фрлаат домати по луксузни автомобили. Не можете да го оставите вашиот скап автомобил никаде бидејќи некој може да го изгребе во Европа, но луѓето овде навистина можат да уживаат во нивниот успех и богатство. Тоа е она што ми се допаѓа во Дубаи – изјави Римац.
Фото: Youtube printscreen