Старбакс го забележа првиот пад на продажбата од 2020 година

16

Приходите од продажбата на Старбакс паднаа за прв пат од 2020 година, па дури и кафињата по половина цена и „латето од лаванда“ не успеаја да ги привлечат потрошувачите кои сè повеќе внимаваат на нивните домашни буџети.

Акциите паднаа за 13 отсто по објавувањето на резултатите, што може да биде најголем пад од март 2020 година и самиот почеток на пандемијата, пренесува Блумберг.

„Старбакс можеби го имаше најлошиот финансиски извештај од која било голема компанија што известуваше за овој квартал досега“, рече Адам Крисафули, аналитичар во Vital Knowledge.

На Старбакс му е сè потешко да ги исполни очекувањата поставени од претходното раководство. Извршниот директор Лаксман Нарасимхан, кој е на функција нешто повеќе од една година, веќе неколку пати мораше да ги намали проекциите. Последните резултати покажуваат дека не е лесно да се продаваат лате за шест долари на некој што страда од постојана инфлација.

Компанијата забележа пад на продажбата од четири отсто, а аналитичарите очекуваа раст. Во Кина е забележан пад од дури 11 отсто. Бројот на купувања падна за шест отсто, а продажбата забележа пад во сите области каде што работи Starbucks. Консолидираните приходи од продажба паднаа, а заработката по акција е под очекувањата на аналитичарите, пренесува Bloomberg.

Финансиската директорка Рејчел Ругери рече дека резултатите се натежнале и од постуденото време, претпазливоста на потрошувачите и конфликтот на Блискиот Исток.