Стартапите ќе бидат главни двигатели на светските економии и главни креатори на работна сила

41
irena1
Ирена Чаушевска, коосновач и извршен директор на New Man’s Business Accelerator

“Идеи има, но не се споделуваат. Поради тоа што не се споделуваат, нема ни можност да се унапредат, затоа што кога ја имате идејата во глава може да ви се чини најдобра и најиновативна, но кога ќе се соочи со судот на потенцијалните корисници, токму тогаш е моментот кога може вистински да се развие и да се истестира, да се види дали има простор да се пласира на пазарот и по која цена”, вели Ирена Чаушевска, коосновач и извршен директор на New Man’s Business Accelerator. Со неа разговаравме за старт-ап еко системот во Македонија, што им е потребно на младите луѓе со идеи, за најголемиот хакатон во светотот…

БИ: Што е бизнис акцелератор?

New Man’s е прв бизнис акцелератор во Македонија. Разликата меѓу акцелератор и инкубатор е во тоа што освен што нудиме простор каде што тимовите работат и ги инкубираат старт-ап идеите, нудиме и целосна менторска и едукативна програма. Програмата е составена од 30-тина различни модули, со вкупно 500 часа. Почнуваме со тестирање на самата идеја, избирање на онаа идеја што има најголем комерцијален потенцијал, развивање на специфичен бизнис модел за неа, потоа изработуваме бизнис план, им помагаме да ја тестираат идејата на пазарот, да се види кој е најсоодветниот ценовен модел, да се изберат еден или неколку извори на приходи и потоа следува тестирање на различни пазари на кои би се пласирала конкретната идеја. Целата програма трае осум месеци, следната година ќе се реализира уште подинамично во рамки на шест месеци. Работиме со 12 ментори од различни области, имаме групни сесии, индивидуални сесии, се работи во континуитет, а досега организиравме и еден Демо Ден пред потенцијални инвеститори од Велика Британија, Словенија и Македонија. За целиот едукативен период стартапите имаат можност да ги користат нашите простории, а по истекот на тој период, во фаза кога ќе добијат инвестиции, им овозможуваме во периот од четири месеци повторно бесплатно да ги користат нашите простории овде или ако имаат можност можат да ја користат и канцеларијата за состаноци во Лос Анџелес. Во моментов договараме да креираме наша централна точка и во Сан Франциско, за да го таргетираме и тој пазар од аспект на потенцијални инвеститори и пласман на производи од стартапи.

Она што дополнително го работиме и со тоа се заокружува процесот на акцелератор е овозможување на пристап до финансии, односно ги носиме стартапите до фаза да бидат подготвени да примат инвестиција и откако ќе ја примат, паметно да ја употребат. Активно работиме на основање на наш помал инвестициски фонд до крајот на 2015 година, со цел во дел од почетното (seed) инвестирање да можеме да им дадеме поддршка на нашите стартапи.

Во New Man’s имаме 16 стартапи, девет од Македонија, пет од Словенија, по еден од Србија и Хрватска.

4

БИ: Освен што работите со стартапи, имате и едукативни програми за студенти…

Во нашите едукативни програми имаме 40 студенти, тоа е втората компонента што ја работиме. Во таа компонента има 12 различни програми за стручно усовршување за конкретни работни позиции во областа на 3Д моделирање, анимација и визуелни ефекти, графички и веб дизајн, шоу бизнис, маркетинг и адвертајзинг, веб и клауд програмирање, развој на игри, развој на мобилни апликации, компјутерски мрежи и сајбер безбедност,… Од нив во оваа академска година активни се девет, во следната ќе активираме 10. Кога ги формиравме, видовме на кое ниво е македонското, но и регионалното формално образование, до каде се вештините на младите луѓе и што е она што практично недостасува за да бидат од првиот месец продуктивни во работните процеси, тоа да биде вклучено во нашите програми. Верувам дека во добар дел успеваме тоа да го направиме, затоа што од 40 студенти што ги имаме во моментов, 20 веќе имаат идни работодавци, а на половина сме на програмата. Кај студентите развиваме практични знаења, како идеите што ги имаат да ги развивават во комерцијална насока и така да ги предлагаат понатаму на нивните работодавци. Целта е во македонските компании да се вклучат ваков тип на луѓе, со вакви вештини, кои ќе им помогнат на компаниите да креираат производи конкурентни на глобален пазар или дел од тие млади луѓе да станат утре идни вработени во новите стартапи. Она што ја заокружува целата приказна е што во јуни месец оваа година сите што сакаат, ќе имаат можност заедно со нас да заминат на 10-дневен престој во Сан Франциско или Лос Анџелес или или на двете локации, зависи како финално ќе се формира програмата, да посетат конкретни компании, истражувачки центри, акцелератори. Стартапите ќе имаат можност и директно да разговараат со потенцијални инвеститори, додека дел од студентите ќе имаат можност ја посетат фабриката на Илон Маск, SpaceX, која работи на креирање на вселенски летала, лабораторијата на НАСА, истражувачкиот универзитет Калтех…

7

БИ: Според кои критериуми одлучувате кој старт-ап може да влезе во акцелераторот?

И кај студентите и кај стартапите правиме прилично строга селекција. Кај студентите селекцијата сè уште е за нијанса построга, затоа што се повеќе на број. Минатата година имавме 240 апликации, а прифативме само 40, затоа што сакавме да ги избереме оние кои имаат соодветни технички знаења, но и соодветен поглед на работите, за да можеме да ги издигнеме на повисоко ниво. Во однос на стартапите, кога ќе имаме многу повеќе стартапи во Македонија и многу повеќе луѓе што ќе се одважат да влезат во таква претприемачка кариера, тогаш ќе можеме да правиме построга селекција. Сè уште овој старт-ап еко систем во Македонија е во фаза каде што треба да се работи понапорно. Она што исто е битно е дека нашата програма трае малку подолго, па ние како менаџмент и нашите ментори поминуваме многу часови со овие стартапи. Тоа значи дека ги запознаваме какви се како луѓе, како менаџери, колку се истрајни, како се соочуваат со определени предизвици и тоа што им го пренесуваме како сугестија и на потенцијалните инвеститори е многу пореално. Не се согласувам со дел од инвеститорите дека на почетокот се единствено важни бројките. Да, треба да има добра идеја и таа да покажува определени резултати, меѓутоа она што е побитно е да има тим што ќе може да ја реализира таа идеја. Тоа се тимови што на почетокот не се доволно искусни за да знаат да препознаат идеја што ќе има светски успех, а можеби ги имаат соодветните вештини, соодветниот карактер да се борат за идејата и да сакаат да ја реализираат, да истраат и да ја изнесат на виделина. Обрнуваме внимание на овие две работи и секако, дали некој е дојден во нашата програма од вистинската причина. Ако брзиот профит им е единствениот двигател, тешко дека тие долгорочно ќе имаат успех. Ако веќе некој се определил за претприемачка кариера и сака да работи на развивање производи и услуги, не е секогаш нужно првата идеја да е вистинската. Напротив, треба во континуитет да развиваат идеи и со наша помош да ја препознаат онаа што има најголем комерцијален потенцијал и таа да ја развиваат понатаму.

БИ: Меѓу луѓето што работат со стартапи, генерално владее мислење дека пари има, нема добри идеи. Каков е вашиот став?

6Македонија сè уште има неколку проблеми за заживување на старт-ап заедницата, не се само овие два проблема. Во Македонија има компании што имаат финансии што би можеле да ги одвојат за реализација на старт-ап проекти. Има многу поединци кои низ годините со успешното работење на нивните компании како физички лица имаат определен капитал на страна што можат да го стават во насока на поддршка на определени старт-ап компании. И кога инвестираат, најчесто се во сенка, не сакаат да бидат јавно промовирани, а со тоа не праќаме порака дека во Македонија навистина може да се направи нешто, не инспирираме и не мотивираме дополнителен број на стартапи и тешко е да привлечеме и инвеститори од надвор во такви услови. Од друга страна, стартапите се во оној ментален склоп дека некој ќе им ја украде идејата. Не ја исклучувам можноста ако е нешто толку уникатно, дека некој не би се обидел да направи нешто во таа насока, но најчесто најголем дел од тие сомнежи се неосновани и голем дел од идеи поради тоа остануваат нереализирани. Значи идеи има, но не се споделуваат. Поради тоа што не се споделуваат, нема ни можност да се унапредат, затоа што кога ја имате идејата во глава може да ви биде најубава, но кога ќе се соочи со судот на потенцијалните корисници, токму тогаш е моментот кога може вистински да се развие и да се истестира, да се види дали има простор да се пласира на пазарот и по која цена.

БИ: Според Вас, што треба да се направи за да се подобри старт-ап сцената во Македонија?

Мислам дека во некаква стратешка соработка со Владата треба да се направи некакво даночно поттикнување и олеснување за стартапите, за инвеститорите што како физички лица транспарентно ќе решат да инвестираат во стартапи, како и за компаниите што ќе поддржат стартапи. Како што се работи на привлекување на странски инвеститори кои инвестираат директно во сопствени проекти, така да се работи и на привлекување на странски инвеститори кои ќе инвестираат во стартапи. На некој начин дури би предложила да се направи поврзаност помеѓу оние кои се веќе директни странски инвеститори во Македонија или сакаат да бидат, да имаат обврска определен мал процент, дали е тоа 0,5%, 1% или 2% од својот годишен профит, да имаат обврска да инвестираат во стартапи. Ако некој од тие стартапи успее, ќе имаат бенефит и од таа инвестиција, така да не верувам дека ќе им биде камен на сопнување и мислам дека нашите министри кои го работат тој дел, верувам дека се веќе умешни и искусни да можат да го испреговараат и овој елемент. Треба да се воведат некои административни олеснувања, претприемништвото како кариера малку повеќе да се промовира, малку повеќе на ниво на општество да го поздравиме неуспехот, во смисол младите луѓе што пробале и не успеале, наместо да бидат оцрнувани, да бидат вклучени внатре во системот и да им се даде втора, трета шанса за да направат квалитетен производ и да се учи од погрешните избори.

Добро е што конечно профункционира Фондот за иновации, се надевам дека ќе има повеќе средства и дека критериумите и условите малку ќе се олабават. Сметам дека ако сакаме тие средства навистина да ги користат стартапи, а не веќе етаблирани компании, прво треба да се скрати времето на постоење на компаниите кои можат да аплицираат или да се поделат на два различни инструмента. Во моментов за практично истиот инструмент конкурираат фирми што се до шест години стари и фирми што туку што се основале, што значи борбата е многу нерамноправна. Од друга страна, некој може да има одлична идеја и одличен потенцијал како тим, меѓутоа за да може да аплицира, треба да има основано компанија. Може да не ги добие средствата и без нив да не може да ја реализира идејата, доколку е идеја која бара средства уште во стартот, па се соочува со моментот да мора да ја затвори компанијата, а процедурите за затворање се долги и скапи. Сето ова го затвора кругот околу реалниот број на старт-ап компании кои би можеле да аплицираат на овој повик.

БИ: Колку е важно искуството за започнување сопствен бизнис?

1Нема попрактичен начин да научите како да водите компанија од тоа да водите компанија. Некој ќе каже прво треба да се стекне искуство во друга компанија, но не е така. Ако е тоа некоја голема компанија, ќе работите еден мал сегмент, особено ако сте на почеток, нема шанса да видите како функционира целата компанија. Мене тоа ми е многу јасно, затоа што јас пред New Man’s имам 14 годишно работно искуство, во повеќе различни области. Дури сега можам да кажам да, имам доволно знаење и од право, и од финансии, и од влез на нови пазари, продажба на компании, аквизиции, откуп на удели и сега ова знаење можам да го вложам во својата компанија, но за тоа ми требаа 14 години затоа што одев по тој пат, да стекнам знаење преку искуство, затоа што немаше кој да ме насочи поинаку. Ние како акцелератор сакаме да го скратиме тој пат, барем за оние млади луѓе коишто имаат претприемачки капацитет. Жално е нив да ги ставаме во некаква администрација или да бидат ситни играчи во некоја голема компанија. Тие треба да се поддржат да основаат сопствени компании, затоа што статистиката на европско и глобално ниво вели дека стартапите ќе бидат главните двигатели на светските економии, главните креатори на работна сила и натаму треба да се насочиме.

БИ: Во април ќе се одржи третиот NASA Space Apps Challenge во Македонија. Што конкретно ќе се случува?

NASA Space Apps Challenge е најголемиот хакатон во светотот. Минатата година имаше над 8.000 учесници, оваа година очекуваме над 10.000. Лани се реализираше на 110 локации, ова година ќе биде на 135. Во Македонија се реализира трета година по ред, јас сум локален лидер а New Man’s втора година по ред е домаќин – локален партнер. Изминатата година успеавме Скопје да го направиме лидер и во глобални рамки. Успеавме со 158 учесници да креираме 32 проекти, од кои 30 беа прифатени од страна на НАСА. Втор на листата по број на прифатени проекти беше Њујорк со 22, а на нив работеа 300 учесници. Врз база на тоа, оваа година сме единствени со привилегија освен Скопје, да менаџираме уште девет локации, од кои три во Македонија и шест во регионот. Оваа година под наша координација работат Приштина, Белград, Загреб, Тирана, Љубљана и Виена, каде за прв пат ќе се случи NASA Space Apps Challenge. Од Македонија ги вклучуваме градовите Тетово, Охрид и Битола. Натпреварот ќе се случува три дена, во светот од 10 до 12 април, а во Македонија ќе има поместување поради православниот Велигден и ќе се одржува од 9 до 11 април. Ќе се креираат апликации и решенија од областа на софтвер, техника, едукација, физика, хемија, биологија… Категориите се роботика, истражување на вселената, зачувување на Земјата, како човекот би живеел во променети влошени услови на Земјата или како би можел да живее на други планети. За секој од овие предизвици НАСА става на располагање јавно достапни информации што има истражено до сега, што има заклучено и насоки во кој правец да се размислува за решавање на предизвиците. Станува збор за натпревар кој официјално е дел од инкубаторската програма на иновативни идеи на НАСА и верувам дека сите што ќе учествуваат ќе имаат навистина многу можности што понатаму ќе им се отворат. Добив покана да бидам присутна и во седиштето на настанот во Њујорк и она што веќе ни го најавија е дека дел од стартапите, односно тимовите што ќе бидат со најквалитетни решенија ќе добијат поддршка преку 3акцелераторска програма на НАСА во која New Man’s Business Accelerator ќе бидеме директен соработник. Ќе има пет први места во пет категории на овој натпревар. Победниците на глобално ниво ќе имаат можност во септември да патуваат во Америка и да присуствуваат на лансирање на вселенско летало, а ние ќе се потрудиме токму еден од нашите тимови да биде меѓу тие пет.