Стартува редовната авиолинија Софија-Скопје

63

Утрово на Меѓународниот аеродром Скопје, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје.

Со ова започнува да се реализира редовната авиолинија Софија – Скопје што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.

Авиокомпанијата Гуливер ќе ги поврзува главните градови два пати во неделата, со интенција оваа линија да се поврзе и со аеродромот во Охрид.

Авионското поврзување меѓу главните градови на Македонија и Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.

Симболично, првиот лет со кој се возобнови авиолинијата беше реализиран на 11-ти минатиот месец, а со него во Скопје од Софија пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и неговиот бугарски колега Николај Сабев.

Скопје-Софија е новина со летниот распоред на летање, што стартува викендов, а со кој се обновуваат и дел од линиите што беа укинати пред ковид-пандемијата.