Стартуваше Неделата на роботиката на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, по повод 10 години организација на Робомак – меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција и 60 години од основањето на Факултетот.
Професор д-р Соња Геговска – Зајкова, продекан за настава на ФЕИТ, рече дека манифестацијата Робомак 2019 е јубилејна затоа што студентите ја организираат десет години по ред и јубилејна затоа што Факултетот слави 60 години од своето постоење како високообразовна институција.
“Годинава одлучивме да организираме Недела на роботиката, односно од денес до сабота, во нашиот дом на знаењето ќе се организираат низа настани и случувања во организација на студентите, со наша и со стручна надворешна поддршка. За најмладите, учениците од основните училишта организираме предавање за важноста на роботиката во современиот начин на живеење, а во рамки на Робомак 2019 ќе се одржи и натпреварување со категорија Robomac Junior за учениците од четврта година од средните училишта. Целта е да се зголеми интересот за роботиката и вештачка интелигенција“, рече Геговска – Зајкова.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во обраќањето пред студентите на свеченото отворање на Неделата на роботика – Робомак 2019, ги повика да останат во државата и своите иновации и изуми прво да ги пробаат тука.
“Живееме во динамично време, особено во сферата на дигитализацијата каде веќе секој следен ден некаде во светот се открива нов пронајдок, робот со нова вештина, млад човек кој ги поместува границите на возможното. Северна Македонија е мала земја, но младите луѓе се нашиот ресурс, нашата иднина. Само со вложување во вас, со давање на можности да се надградувате себеси, со обезбедување на услови да се развивате и стекнувате нови вештини, ние како држава можеме да бидеме конкурентни и да имаме со што да се претставиме пред светот“, истакна министерот Манчевски.
Според ректорот Никола Јанкуловски, Универзитетот Св. Кирил и Методиј како најстара високообразовна институција во Македонија, секогаш ги поддржува и ќе ги поддржува своите иновативни единки при организација на настани кои се одлика на 21-век.
“Да се говори за роботи, да се создаваат машини со вештачка интелигенција, да се работи на машини кои размислуваат – тоа веќе не е новост ниту за нашите академски граѓани. Веќе 10 години, токму најинвентивните студенти на овој Факултетот, ја организираат манифестацијата Робомак и ги покажуваат и доближуваат најновите светски технолошки достигнувања пред нашата јавност“, додава Јанкуловски.
Во рамки на Неделата на роботиката ќе се реализираат низа активности наменети за најмладите – учениците во основните училишта, за средношколците и за студентите од сите факултети во Македонија и од странство. Истата ќе заврши со финалниот натпревар на Робомак кој ќе се одржи на 23 март во Домот на АРМ со почеток во 18 часот.
Со оваа активност, ФЕИТ сака да ја подигне свеста за роботиката во земјава и да ги заинтересира најмладите да се вклучат во проучување на оваа област, да ги мотивира средношколците да се запишат на техничките факултети и да покаже дека, освен теорија, на Факултетите се работат и практични активности.