Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вчера информираше дека буџетот се наоѓа во добра кондиција, дека навремено се вршат сите исплати и се плаќаат достасаните обврски, а прелиминарните податоци покажуваат дека во април е остварен суфицит.
Како што покажуваат прелиминарните податоци во април се очекува да биде остварен мал буџетски суфицит, што ќе помогне да се изврши нивелација на зголемените расходи од почетокот на годината поврзани со плаќањето на обврските кон стопанството и со исплатата на сезонските субвенции.
Ставрески оцени дека буџетскиот дефицитот е во рамки на очекувањата за првите четири месеци од годината и изрази очекување дека така ќе остане и до крајот на годината и дека ќе бидат исполнети владините проекции.
“Навремено се вршат сите плаќања, нема заостанати обврски. Владата го исполни она што го вети кон стопанството, на нула се сведени заостанатите обврски, сите фирми добиваат на времено поврат на ДДВ и ги исплаќаме сите фактури”, изјави министерот.
Тој укажа дека иако буџетот е во добра кондиција тоа не значи дека Македонија не се соочува со предизвици, како што се соочуваат и други земји во однос на наплата на приходи и реализација на буџет, оценувајќи дека владата успешно се справува со сите предизвици и дека финансирањето на буџетот е целосно во склад со планираното.
“Согласно времињата во кои се наоѓаме и согласно со ситуацијата во Европа, сметам дека македонскиот буџет сосема добро се справува со предизвиците и дека ќе успееме да ги реализираме сите проекции за приходите и расходите во 2013 година”, изјави Ставрески.
Министерот рече дека и покрај тоа што показателите за растот на индустриското производство и на кредитната активност се позитивни, треба да се биде одмерен во прогнозите со оглед дека состојбите во европската економија во вториот квартал се негативни.
“Ако успеавме во вакви околности кога европската економија во првите неколку месеци е во рецесија да имаме позитивна стапка на раст на индустриското производство, а во втората половина од годината Европа очекува да се стабилизира економијата и да има позитивна стапка на раст, сигурно и ние ќе имаме позитивна стапка во втората половина од годината, што ќе ни даде можност да ја оствариме проектираната стапка на раст од 2%”, изјави Ставрески.