Ставрески: Засега не е потребен ребаланс на буџетот

26

Stavrevski1-630x315Според оценката на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, засега нема потреба од ребаланс на буџетот и фокусот е ставен на креирање на буџетот за наредната година.

“Засега нема потреба од ребаланс бидејќи реализацијата на буџетот е во рамките на очекувањата”, изјави Ставрески.

Tој додаде дека сепак ќе се почека да помине август, по што ќе се донесе евентуална одлука.

“По истекот на месецот ќе се види дали ќе има потреба од какви било корекции. Ќе почекаме да видиме како ќе помине август и тогаш ќе видиме дали има потреба од какви било корекции. Но, она што е најзначајно е дека во целина реализацијата на буџетот и на приходите е во рамки на планираното. Веќе ги почнавме подготовките и разговорите со министерствата. Во исто време ќе се работи и на среднорочната рамка, односно на индикативните буџети за 2015 и 2016 година”, рече Ставрески.

Завршувањето на долготрајната рецесија  во еврозоната, според него, е позитивен сигнал, но и владата и стопанството треба да останат активни.