Стејт департмент: С. Македонија креира поволна бизнис клима

28

Правната рамка за инвестирање во Северна Македонија во голема мера е во согласност со меѓународните стандарди и странските инвеститори се третираат исто како и домашните. Земјата ја поедностави регулаторната рамка за странските инвеститори што работат во ТИРЗ, кои генерално имаат позитивни искуства и добра соработка со владините претставници. Допнолнителни позитивни фактори за поттикнување на странските директни инвестиции (СДИ) и економскиот раст е што земјата влезе во НАТО, го реши спорот за името со Грција и ги почнува преговорите за членство во ЕУ.

Ова се наведува во извештајот за инвестициската клима во Северна Македонија за 2020 година, што го објави американскиот Стејт департмент, пренесува МИА.

Сепак, се додава во извештајот, целокупната регулатива останува сложена и честите законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција.

Стејт департментот истакнува дека Северна Македонија сега е членка на НАТО и е поканета да започне преговори за пристапување во ЕУ, што ќе поттикне зголемени странски директни инвестиции и економски раст. По потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година, решавањето на повеќедеценискиот спор за името со Грција и отклучување на патот на земјата кон влез во НАТО и ЕУ, Северна Македонија и Грција потпишаа дополнителни билатерални договори за одбрана, енергетика, цивилна авијација и технологија во април 2019 година. Напорите што ги направи Северна Македонија за да постигне членство во НАТО и напредок во нејзината покана за пристап во ЕУ, резултираше со позитивен економски раст, што беше потврдено со раст на БДП од 3,6% во 2019 година.

Привлекувањето на СДИ, се посочува во извештајот, е еден од главните столбови на владата за економски раст и создавање работни места. Северна Македонија одржува релативно попустлива регулаторна рамка, а нејзините институции обезбедуваат еднаков третман на странските инвеститори и домашните деловни интереси под слични околности. Во 2019 година, голем број земји и странски компании најавија инвестиции во Северна Македонија и нови операции во слободните економски зони познати како Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ). Во минатото, конкурентските трошоци за работна сила на Северна Македонија, близината до европските производители на автомобили и владината помош привлекуваа странски компании за автомобилски делови. Односот на владата кон СДИ, заедно со регулаторната и институционална рамка, остануваат привлечни за инвестициите од САД и следствено на тоа, голем број американски компании успешно работат во Северна Македонија, пишува во извештајот за инвестициската клима во земјава.

Се посочува и дека Извештајот за деловно работење на Светска банка во 2020 година ја рангираше Северна Македонија на 17-то место во светот за водење бизнис, со пад од седум места во однос на претходната година. Фич го надгради претходниот кредитен рејтинг на Северна Македонија од BB во BB+ со стабилна перспектива, а Стандард и Пурс го потврди својот кредитен рејтинг на BB- со стабилна перспектива. Транспаренси Интернешнл ја рангираше Северна Македонија на 106-то место од вкупно 180 земји во својот индекс на перцепција на корупција во 2019 година, што е за 13 места помалку од претходната година.

Во извештајот на Стејт департмент, сепак, се предупредува дека без оглед на овие економски достигнувања, социјалната и економската криза предизвикана од КОВИД-19 ќе има длабоки влијанија врз економијата на Северна Македонија и способноста да ги апсорбира странските инвестиции.

“Оваа година, фирмите отпуштаа вработени, производството беше насочено кон неопходните потреби, а владата започна да воспоставува ограничувања за намалување на негативните економски ефекти од КОВИД-19, вклучително и контрола на цените и ограничувања на движењето на луѓето. Вирусот најверојатно ќе има огромни, иако во моментов нејасни, влијанија врз економијата во 2020 година, но и потоа“, се наведува во извештајот на Стејт департментот на САД за инвестициската клима во Северна Македонија.

Фото: Freepik