Автомобилскиот гигант Stellantis ќе отпушти 1.100 работници во фабриката на Jeep во Толедо, САД. Дополнително, уште 400 вработени ќе бидат префрлени кај друг работодавач.
Компанијата, која се бори со падот на продажбата, со овој потег сака да ја врати конкурентската предност.
Stellantis, во чиј чадор се марките Peugeot, Citroen, Opel, Fiat, Chrysler и Jeep, најави, како што јави француската новинска агенција AFP, дека следната година ќе премине од двосменско на едносменско работење во фабриката во Толедо.
Како што соопшти компанијата во соопштението за печатот, овие мерки ќе ѝ овозможат на компанијата да ја врати својата конкурентска предност и на крајот да го врати производството на претходното ниво.
Продажбата на возилата Stellantis драстично падна во третиот квартал, 42 отсто само во Северна Америка.
Целата европска автомобилска индустрија се соочува со проблеми. За ноември, Stellantis најави и привремени прекини на производството за фабриките во италијанските градови Помиљано Д’Арко, Термоли и Пратола Сера.