Стелантис со нов лидер – Италијанецот Филоса ја презема челната позиција по Таварес

Откако поранешниот извршен директор Карлос Таварес поднесе оставка поради пад на продажбата и конфликти околу електрификацијата, Италијанецот Антонио Филоса го презема раководството на автомобилскиот гигант „Стелантис“. Промената доаѓа во време кога индустријата е потресена од нови трговски закани од САД.

Во една од најголемите кадровски промени во автомобилската индустрија оваа година, „Стелантис“ го назначи Антонио Филоса за свој нов извршен директор. Филоса, кој претходно ги водеше операциите во Северна Америка, ја презема функцијата на 23 јуни, наследувајќи го Карлос Таварес, кој ја напушти компанијата по горчливи несогласувања со менаџментот и разочарувачки резултати од продажбата. Неговото назначување доаѓа во чувствителен момент за „Стелантис“, бидејќи компанијата се соочува со глобални предизвици, пад на побарувачката и зголемени тензии околу царините што ги објави Доналд Трамп.

Филоса, кој има 51 година, ќе ја преземе својата нова позиција на 23 јуни, иако за неговото формално назначување е потребен состанок на акционерите. Стелантис објави дека состанокот ќе биде закажан „во наредните денови“.

Откако трговските политики на Доналд Трамп повторно ги разгореа заканите за царини за мултинационалните производители на автомобили, италијанскиот директор доби задача да го пресврти Стелантис и покрај пазарните предизвици.

„Одборот на директори го избра Антонио Филоса за извршен директор врз основа на неговите докажани резултати во текот на повеќе од 25 години работа во автомобилската индустрија, неговото широко меѓународно искуство, исклучително познавање на компанијата и признатите лидерски квалитети“, објави Стелантис во понеделник.

Таварес си замина откако предупреди за пад на профитот
Претходникот на Филоса, Карлос Таварес, ненадејно поднесе оставка во декември 2024 година, откако Стелантис издаде предупредување за профит во септември.

Продажбата во Северна Америка беше особено слаба, што доведе до застој на непродадени возила кај дилерите. Таварес, исто така, се судри со одборот околу стратегијата за електрификација – иако инсистираше на целосен премин кон електрични возила  во Европа до 2030 година, одборот сакаше да го забави темпото на трансформацијата.

По заминувањето на Таварес, Филоса беше унапреден да ги води операциите во Северна Америка.

Роден во Неапол, Филосa, исто така, ги победи аутсајдерите и внатрешните кандидати и сега ќе ги води сите 14 брендови на Стелантис, вклучувајќи ги Пежо, Фиат, Крајслер, Ситроен и Џип, пишува Euronews.