Четиринаесет! Толку многу автомобилски брендови работат под покривот на Stellantis. Во случај да не се сеќавате на сите, еве ги: Citroen, Fiat, Opel, Vauxhall, Peugeot, Abarth, Ram, Dodge, Chrysler, Jeep, Lancia, DS Automobiles, Alfa Romeo и Maserati.
Овој автомобилски конгломерат е создаден на почетокот на 2021 година кога групата PSA се спои со Fiat Chrysler Automobiles.
Сепак, овој број на брендови во рамките на една група може да се намали во одреден момент во иднина, изјави извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, за Ројтерс.
Таварес наведува дека непрофитабилните брендови ќе бидат укинати.
„Ако тие не заработуваат пари, ние ќе ги затвориме. Не можеме да си дозволиме да имаме брендови кои не заработуваат пари. Тоа е толку едноставно“.
Тој не именуваше конкретни брендови кои се изложени на ризик да бидат затворени, но некои се изложени на поголем ризик од другите.
Експерти од автомобилската индустрија изјавија за Reuters дека Stellantis би можел да се обиде да го продаде Maserati и да “ги пушти низ вода“ Lancia или DS.
Сепак, сето ова е шпекулација во овој момент. Она што го знаеме е дека под џиновскиот корпоративен чадор има неколку марки кои се преголеми за да пропаднат: Fiat, Opel/Vauxhall, Peugeot, Citroen, Jeep и Ram. Останатите брендови се поранливи.