Стоковната размена во пораст: Извозот зголемен за 5.7 %, увозот за 5.9 % во првите пет месеци од 2026 година

Трендот на пораст на извозот и увозот продолжува и во периодот јануари – мај 2026 година во споредба со периодот јануари – мај 2025 година

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2026 година, изнесува 217 977.7 милиони денари и бележи пораст од 5.70 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – мај 2026 година, изнесува 306 513.7 милиони денари, што е за 5.91 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и други моторни возила за превоз на лица.

Во периодот јануари – мај 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат   со 50.4 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58.2 % во вкупната размена.

Извоз јануари – мај 2026 година во однос на јануари – мај 2025 година

  • 217 977.7 милиони денари: +5.7 %
  • 3 534.1 милион евра: +5.6 % 
  • 4 132.0 милиони САД долари: +13.9 % 

Увоз јануари – мај 2026 година во однос на јануари – мај 2025 година

  • 306 513.7 милиони денари: +5.9 %
  • 4 969.8 милиони евра: +5.8 % 
  • 5 812.6 милиони САД долари: +14.4 %