Уште во првиот квартал од 2021 година меѓу Србија и Северна Македонија e реализирана стоковна размена во износ од 229,6 милиони евра, што претставува раст од дури 4,9%.
“Оваа година очекуваме нашата трговска размена да ја надмине психолошката граница од една милијарда евра“, изјави во интервју за Локално, Михаило Весовиќ, директор на Секторот за стратешки анализи, услуги и интернационализација на Стопанската комора на Србија.
Благодарејќи на билатералните договори од 2019 година, двете држави според него, покажуваат голем напредок во насока на олеснување на трговијата и отстранувањето на бариерите со кои се соочуваа стопанствениците во секојдневното работење. Можност за поголема соработка гледа во однос на вклучувањето на македонските и српските компании во изведувањето на работите за меѓусебно инфраструктурно поврзување: изградба на далекуводна мрежа помеѓу Ниш и Штип, изградба на гасна конекција Врање – Куманово, реконструкција на пругата Будимпешта – Белград – Скопје.
“Србија и Северна Македонија, благодарејќи на билатералните договори од 2019 година покажуваат голем напредок во насока на олеснување на трговијата и отстранувањето на бариерите со кои се соочуваа стопанствениците во секојдневното работење. Уште поефикасно работење ќе имаме по потпишувањето и спроведувањето на билатералниот договор за меѓусебно прифаќање на документите издадени од страна на акредитирани лаборатории за индустриски непрехранбени производи. Кога е во прашање регионот, заедничкото работење и понатаму го следат препреки кои најчесто се резултат на неусогласеност на сертификатите кои ја следат стоката. Немаме директен платен промет помеѓу одредени пазари, имаме различни стандарди за одредени производи, недоволно ги применуваме електронските документи, а на одредени пазари имаме дури и случаи на ограничување на трговијата со нецарински бариери“, вели Весовиќ.
Според него, бенефитите од иницијативата Мини Шенген се исклучително големи бидејќи како што вели побрзото регионално економско поврзување е во најдобар интерес на граѓаните и на стопанството, а таквиот начин на поврзување е незаобиколен на заедничкиот пат кон полноправното членство во ЕУ. Економски придобивки се очекуваат и од изградбата на пругата од Белград до македонската граница.
“Новата пруга ќе донесе нови инвестиции, побезбеден и еколошки поприфатлив транспорт, пониски трошоци и поголема конкуренција на целиот регион“, вели Весовиќ.











