Стопанската комора на Mакедонија Најкомора во регионот

53

501dc073-8622-4a9c-9869-5421de4e192cНа традиционалната 28-ма по ред манифестација Избор на најменаџер на југоисточна и средна Европа што се одржа во Сараево, Стопанската комора на Македонија беше прогласена за Најкомора во регионот, а Михајло Михајловски, извршен директор на Фени од Кавадарци и директор и сопственик на Ватростална – Скопје, за најменаџер во регионот.

Свеченоста се одржа во хотелот Холидеј Ин во главниот град на Босна и Херцеговина, каде присуствуваа  врвните претставници од бизнисот од регионот.

На настанот му претходеше деловна конференција на тема Регионалната стопанска соработка и развојот.

“Друштвото со најдобрите менаџери од југоисточна и средна Европа е вистинска прилика човек да се почувствува горд на резултатите што може да ги постигне. Позитивноста, упорноста и професионалноста се единствените работи со кои може да се оди напред. Добитниците се вистинските луѓе кои што во своите дејности постигнуваат извонредни резултати и отвораат простор за развој на општеството”, рече Бранко Азески, кој го прими врвното признание.

Михајло Михајловски вели дека признанието ќе му биде поттик во иднина за постигнување на уште повисоки резултати во својата дејност – металургијата.

“Се надевам дека овие компании во иднина не само што ќе бидат најдобри во Македонија, туку со поврзувања во регионот ќе придонесат за развој на македонското стопанство и воопшто на регионот”, рече Михајловски.

Бизнисмените на деловната конференција побараа од своите влади да продолжат да работат во правец на прием на сите држави од регионот во Европската унија, притоа честитајќи и го влезот на Хрватска во ЕУ. Беше потенцирано дека само со заеднички настап компаниите ќе можат да бидат поприсутни со производи на пазарите во Европската унија и воопшто во светот.

Мирко Шаровиќ, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ, констатира дека регионалната соработка и проектите не се доволно искористени.

“Во регионот имаше повеќе проекти во други области, а најмалку во областа на економијата и стопанството. ЦЕФТА е еден од ретките успешни проекти во оваа област”, рече Шаровиќ.

Верица Калановиќ, министерка за регионален развој и локална самоуправа на Србија, истакна дека политиката мора во иднина да прави многу повеќе компромиси. За среќа, според нејзините зборови, економијата која трпеше последици заради лошо водената политиките за соработка, побрзо ги воспостави мостовите за соработка.

“Без вистински конкурентни производи, маркетинг и заедничка соработка не може регионот и секоја држава посебно да одат напред во својот развој. А сето тоа зависи од менаџерите. Ќе направам една паралела со спортот. По моја иницијатива ја формиравме СЕХА – лигата во ракомет, и сега таа е втора по Бундес лигата по квалитет во Европа. Значи, заеднички може многу да се постигне”, истакна Михајло Михајловски.