Стопанственици од Египет заинтересирани за соработка и инвестирање во Македонија

21

Повеќе сопственици на лускузни хотелски објекти, ресторани, туристички бродови и тур-оператори од државите на северна Африка, пред се од Египет, престојуваат во државава, со цел да се разгледаат можностите за унапредување на севкупната туристичка соработка со државите од Балканот, како и можностите за инвестирање во Македонија.

Мохамед Ласар, генералниот секретар на Туристичката комора на Египет, ја нагласи нивната намера да се изнајдат повеќе различни модели за интензивирање на соработката со државите од Балканот.

“Моите впечатоци од оваа втора посета на Македонија само ги потврди очекувањата, за сличностите меѓу нашите држави кога станува збор за изнаоѓање форми на соработка од заеднички интерес. Преку амбасадорот на Рeпублика Македонија во Египет договориме средби со надлежните институции во Македонија, предвидени да се одржат во текот на оваа седмица. Со нив ќе разговараме за можностите за соработка во областа на туризмот, кој како стопанска гранка повлекува унапредување на соработката во други сфери, се разбира и во областа на инвестициите”, изјави Ласар.

Дончо Танески претседател на Асоцијацијата на хотелиерите на Македонија истакна дека шестгодишните контакти со колегите од Египет и државите од северниот дел на Африка вродуваат плод.

“Голем број наши туристи патуваат за Египет и соседните земји, а сега нивни интенции се тоа да се одвива и во другата насока, односно нивни туристи да доаѓаат во регионов. Кога станува збор за Македонија, постои и втор елемент односно интерес кај некои од нив за развивање на подлабоки бизнис-релации, со можност за потецијални инвестиции”, истакна Танески.