Стручна помош за акционерите на Алибаба полесно да се справат со богатството

48

Alibaba announced initial public offering plan

Додека кинеската интернет компанија Алибаба се подготвува за долго најавуваната и најголема иницијална јавна понуда во технолошкиот сектор, сепак не заборави на доброто на своите вработени. Компанијата од неодамна почна да организира психолошки советувања на своите вработени, кои заедно поседуваат акции во вредност од 41 милијарди долари. Веднаш по понудата, тие ќе можат да ги продадат на берзата во Њујорк.

По иницијалната понуда, вредноста на Алибаба може да достигне вкупна пазарна капитализација од 152 милијарди долари, покажуваат анкетите кои Reuters ги спроведе меѓу 25 аналитичари.

Акции не поседуваат само менаџерите, туку и софтверските инженери и голем број вработени, од одделот за продажба и маркетинг, до надворешни соработници на компанијата.

Како што јавува Reuters, новите богаташи имаат различни планови за парите што ќе ги добијат од продажба на акциите. Некои од нив ги посетуваат автомобилските салони за да одберат луксузни автомобили и тоа во портокалова боја, бидејќи тоа е заштитниот знак на Алибаба. Дел од вработените планираат парите да ги вложат во акции или недвижнини во САД, а има и такви кои ќе ја реинвестираат својата добивка во нови старт – ап компании во Кина.

“Ќе ни биде тешко да ги задржиме и мотивираме тие луѓе, бидејќи парите што ќе ги добијат можеби ќе влијаат на нивната одлука да ја напуштат компанијата“, велат од компанијата.

Веќе неколку години, менаџментот на Алибаба ги вклучуваше вработените во најразлични работилници и состаноци со цел да увидат како ќе влијае на нив големата количина на пари, со предупредување да бидат рационални во трошење на парите.

Компанијата ангажираше и надворешни експерти и универзитетски професори со цел да им помогнат на вработените да се “изборат“ со поголема сума на пари што ќе им биде ставена на располагање.