Интензивно се градат нови бунгалови во автокампот Ас во Струга поради зголемениот интерес кај гостите за камперски туризам.
Според потпретседателот на ХОТАМ и директор на хотел Дрим Крсте Блажески, целта е да се надополни нешто во струшкиот туризам заради привлекување туристи кои остануваат на подолг период, но и за оние кои претстојуваат во Македонија на неколку денови. Тој посочи дека целосната понуда за камп – локациите и бунгаловите во Ас ќе биде презентирана во посебен каталог за идната сезона.
“Подготвуваме нов каталог кој за 2014 година ќе биде целосно отворен и да бидеме конкурентни од мај до септември. Интерес има и мислиме овој вид бунгалови да се продава и на странци и да склучуваме договори со странски агенции. Кампот го подготвуваме со сите европски стандарди и со четири ѕвездички. За камp – туризам потребни се и овие бунгалови кои се подвижни и за 24 часа можат да се дислоцираат”, изјави Блажески.
При избор на дестинации на туристите, камп – туризмот во светот е легитимиран како водечки тренд на пократките, но и временски подолгите туристички одмори. Овој вид туризам последните години станува профитабилна туристичка дејност, на што се посветија и струшките туристички работници.