Струја повеќе плаќаме онлајн

62

Пандемијата не само што го промени нашето секојдневие, туку промени и многу од навиките што ги имавме. Иако и пред коронавирусот и неговото брзо ширење бевме свесни за придобивките од електронското плаќање, сепак пандемијата си го направи своето.

“Бројот на онлајн плаќања на месечно ниво почна драстично да расте со почетокот на пандемијата па досега, бројот на нови корисници на Мој ЕВН Хоме изнесува меѓу 5.000 и 9.000 корисници месечно. Но тоа што бележи драстично зголемување е бројот на трансакции од профили“, објаснува Искра Тикваровска Казанџиевска, одговорна за маркетинг во ЕВН Македонија за Македонската асоцијација на електронска трговија.

“Плаќањето на сметки без регистрација (преку услугата плати брзо) бележи уште поголем раст и тоа за месец октомври е за пет и пол пати поголем од февруари 2020 година. Во моментов, вкупниот број на онлајн уплати изнесува околу 25% од вкупниот број на месечни уплати. Комбинирано за месец октомври добивме над 200.000 онлајн уплати од двата сервиса (Плати брзо + Мој ЕВН Хоме). По стечајот на Еуростандард банка, бројот на месечни уплати преку Плати брзо го надмина бројот на месечни уплати преку Мој ЕВН Хоме. Овој нагорен тренд на искористување на услугата Плати брзо продолжува“, вели таа во интервју за Асоцијацијата во рамки на извештајот од анализата на електронска трговија во Македонија во 2020 година.

Најголем предизвик за е-трговците е ниското ниво на дигитални вештини на населението, а потоа наоѓањето на квалификуван кадар. Ковид-19 влијаел на промена на навиките на е-купувачите, од анкетираните 2.800 испитаници, 37% значително повеќе купуваат онлајн, близу 20% за прв пат почнале да плаќаат сметки онлајн и да користат владини е-услуги. Пониската цена има најголемо влијание на одлуката за онлајн купување.

Фото: Pexels