Студенти направија автобус што се движи на мравја киселина

110

tim5

Фото: Team Fast

Студенти од Холандија открија начин за складирање на енергија којшто е поевтин, практичен и одржлив за разлика од алтернативните обновливи горива. Тие дизајнираа автобус што се движи на мравја киселина, пишува BBC.

“Ние го создадовме првиот автобус во светот што се движи благодарение на мравја киселина што е поевтино решение од водородот, а ги нуди истите еколошки придобивки“, вели Лукас ван Капелен од спин – оф компанијата Team Fast на Технолошкиот универзитет Ајндховен во Холандија.

На проектот се ангажирани околу 40 студенти, а целта е да направат транспорт без емисија на штетни гасови, што ќе му помогне на светот во борбата против климатските промени.

Мравјата киселина ја испуштаат мравките и други инсекти, а оваа едноставна карбоксилна киселина (HCOOH) се користи во производство на текстил и кожа, како конзерванс за добиточна храна и во средства за отстранување на бигор.

Team Fast откри дека оваа киселина може ефикасно да ги носи состојките потребни за водородните горивни ќелии коишто се користат за напојување на електрични возила. Киселината е во течна состојба и може лесно да се транспортира, а за разликата од другите горива е поеколошка.