Студија: Западен Балкан ќе продолжи да заостанува зад Европската унија

18

Западен Балкан неизбежно ќе продолжи да заостанува во развојот во однос на земјите од опкружувањето во Југоисточна Европа затоа што Европската унија (ЕУ) им обезбеди на своите членки во регионот значително поголема финансиска поддршка, покажува новата студија објавена од Италијанскиот институт за меѓународни односи (IAI.it) во Рим.

Така, во текот на следните седум години, Грција ќе има на располагање приближно 5.700 евра по глава на жител од редовните фондови на ЕУ и од новиот фонд за закрепнување од последиците од пандемијата на коронавирусот.

ЕУ предвидува приближно 500 евра по глава на жител за Западен Балкан во истиот период, што е 11 пати помалку од Грција и десет пати помалку од Хрватска.

Третиот дел од спроведувањето на Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА III) на Западен Балкан од оваа до 2027 година треба да се финансира со приближно девет милијарди евра неповратен капитал. Во истиот период, Романија може да смета на речиси 70 милијарди евра грантови и меки заеми, а Бугарија на нешто помалку од 30 милијарди.

Околу 18 милиони луѓе живеат во земјите од Западен Балкан, што е повеќе отколку во Словенија, Хрватска и Бугарија заедно. Сепак, трите земји ќе имаат на располагање над шест пати поголема финансиска поддршка на Унијата.

Студијата покажува дека социо-економскиот ѕид помеѓу Западен Балкан и подрачјето на ЕУ во опкружувањето продолжува да расте без изгледи да исчезне во догледно време. Се предложува Унијата да ја изедначи финансиската поддршка на сите земји во регионот. Тоа би ја чинело ЕУ помеѓу две и единаесет евра по глава на жител, во зависност од економската моќ на одделните членки.

Студијата заклучува дека со оглед на тоа што поддршката на населението за демократијата обично е условена од личното богатство и од општиот економски напредок, како и поради отсуство на подобрувања во земјите од Западен Балкан, опстојуваат услови кои се погодни за самоволие на политичките водачи, беззаконие и кражба на општественото богатство.

Фото: Pixabay