
Во петокот, американски судија ја блокираше одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја укине можноста на Универзитетот Харвард да запишува странски студенти, објави Ројтерс.
Окружната судијка Алисон Бароуз, назначена од поранешниот демократски претседател Барак Обама, издаде привремена забрана со која се замрзнува политиката.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Бостон претходно во петокот, Харвард ја нарече забраната „флагрантно кршење“ на Уставот на САД и другите федерални закони што би имало „непосреден и разорен ефект“ врз универзитетот и неговите повеќе од 7.000 студенти со виза.
„Со еден потег на пенкалото, владата се обиде да збрише една четвртина од студентското тело на Харвард, меѓународни студенти кои значително придонесуваат за универзитетот и неговата мисија“, тврди Харвард во тужбата.
„Без меѓународни студенти, Харвард не е Харвард“, додаде најстариот и најбогат американски универзитет, основан пред 389 години.











