Супермаркетот Tesco ќе одвојува храна што останува во хуманитарни цели

54

Tesco Stores Ltd

Супермаркетот Tesco секој ден ќе одвојува храна што останува и ќе ја донира во хуманитарни цели, пишува Daily mail.

Оваа одлука британски Tesco ја носи во момент кога супермаркетите се соочуваат со зголемен притисок поради големите количини на храна којашто ја фрлаат.

Во храната што останува, а што може да се јаде влегуваат лебот и белите печива, како и зрело овошје и зеленчук, сендвичи и салати.

Од Tesco признаваат дека секоја година фрлаат 55.400 тони храна, од кои 30.000 тони се во одлична состојба и може да се употребат.

Британскиот супермаркет потпиша договор за соработка со FareShare, организација за дистрибуција на храна во хуманитарни цели и FoodCloud, којшто разви апликација со која менаџерите на супермаркетите ги информираат за складираниот вишок храна што може да го земат.

Претходно, властите во Франција донесоа закон според кој големите супермаркети ќе мора да го донираат вишокот храна во хуманитарни цели, наместо да го уништуваат.