Хрватскиот ресторан Surf’n’Fries планира да ја прошири својата франшиза во неколку земји од окружувањето, меѓу кои се Македонија и Црна Гора, но и кон Далечниот исток, пишува порталот Franchising.hr.
Андрија Чолак, косопственик на оваа успешна хрватска франшиза, вели дека во следните две до три недели очекува влез на уште два регионални пазари – Црна Гора и Македонија.
Surf’n’Fries е ресторан каде што се служи помфрит со интересни сосови во необично дизајнирани пакувања. Неодамна, под оваа франшиза, беше отворен ресторан во Будимпешта во шопинг центарот Westend.
Покрај земјите од окружувањето, Surf’n’Fries наскоро ќе се прошири и на Далечниот исток, а првиот ресторан ќе биде отворен во Виетнам.
“Што се однесува до Виетнам, работите се при крај и многу сме возбудени поради тоа. Отворањето е планирано за почетокот на декември. Интересно е што за прв пат функционира комплетно нова зграда во самиот центар на Ханои, каде што ќе биде сместен Surf’n’Fries. Многу сме среќни за нашето проширување во Виетнам, бидејќи станува збор за растечки пазар од 90 милиони лица и токму поради тоа гледаме голем потенцијал“, вели Чолак.
Новите продажни места, исто така, ќе бидат опремени со новата SURFFRY технологија, што подразбира пржење компири без масло.
Surf’n’Fries го започна својот бизнис во 2009 година во Риека. По пет години, Surf’n’Fries е активен во седум земји и има околу 40 продажни места.