Суташ и Пекабеско потпишаа договор за долгорочна соработка

153

pekabesko-1Компаниите за сувомеснати и млечни производи и дистрибуција од Македонија и Турција, Пекабеско и Балканска млекара потпишаа долгорочен договор за соработка.

Според договорот, во следните пет години, Балканска млекара ќе ја користи дистрибутивната мрежа на компанијата Пекабеско.

“Задоволни сме од постигнатиот договор, како и од довербата која најголемата турска млекара Суташ ја има кон нашата компанија. Уште еднаш покажавме дека Пекабеско е водечки бренд не само во месната и сувомесна индустрија, туку и во дистрибутивната и логистичката дејност во Македонија. Балканска млекара е најновата во низата на регионални и светски компании и брендови кои ги користат диструбутивно – логистичките услуги на нашата компанија и ни ја даваат својата доверба”, изјави првиот извршен директор на Пекабеско, Слободан Кутревски.

Според изјавата на генералниот менаџер на Суташ за Македонија, Али Мусвик Созер, Балканска млекара ќе започне со работа во мај оваа година.

Млекарата е со капацитет од 180 тони млеко дневно, а досега обезбедени се 50 нови вработувања. На досегашната инвестиција од 10 милиони евра, најавена е и дополнителна инвестиција од пет милиони евра до крајот на годината, а бројот на вработувањата да достигне до 200.

Пекабеско располага со дистрибутивна мрежа која се состои од повеќе од 40 возила и над 50 вработени само во дистрибутивно логистичкиот сектор. Компанијата поседува 4000 m2 складишен простор и магацини, а секојдневно врши дистрибуција за десетици домашни и меѓународни компании, односно повеќе од 270 различни производи.

Компанијата Суташ, која лани ја купи Сведмилк, е седум години водечки бренд во млечната индустрија во Турција. Во неа работат 4.000 лица, а има 750 милиони литри производство и 69 производи во шест категории.