Свечено отворен Паркот на Лајонизмот во Македонија

62

park-na-lionizmot-vo-makedonija

Членовите на Лајонс клуб Вардар, во присуство на актуелниот гувернер Слободан Вуќикевиќ, свечено го отворија Паркот на Лајонизмот во Македонија, стои во соопштението.

Паркот е лоциран во комплексот технички факултети (Факултет за електротехника и информациски технологии, Машински факултет, Технолошко – металуршки факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство).

Паркот на Лајонизмот се отвора по повод одбележување 100 години од постоењето на Лајонизмот во светот, 20 години во Македонија и 18 години од основањето на Лајонс клуб Вардар.

“Во наследство на идните генерации, Лајонс клуб Вардар го остава овој парк како мотив секогаш да ја буди креативноста и хуманоста кај младите личности. Паркот е уреден со простор за одмор и хортикултурни елементи, како и со систем за наводнување. Паркот ќе биде одржуван и надградуван“, велат од Лајонс клуб Вардар.

За гувернерот Слободан Вуќикевиќ, ваквите акции само потврдуваат дека членовите на Лајонс служат преку низа различни активности насочени кон подобрување на животот на слепите и слабовидните лица, лицата болни од дијабетес, гладните лица, заштита на локалните животни средини и на сите на кои им е потребна помош.

По овој повод, уметникот Живко Поповски – Цветин направи две слики насловени како Македонија во цветна ливада.

“За мене, Македонија е место на хуманост, која ги шири цвеќињата на мирот низ целиот свет, но корените повторно остануваат во земјава. Секој наш член се потпишува на оваа слика и со тоа ја продолжуваме мисијата за ширење на хуманизмот. Сликата ќе биде претставена следната година на Меѓународниот ден на Лајонизмот во Чикаго“, објаснува Поповски – Цветин.

Досега, Лајонс клубовите од цела Македонија, по повод Неделата на Лајонизмот организираа повеќе од 20 акции во целата земја. Првиот клуб во Република Македонија е формиран во 1997 година, а денеска, на прославата на 20 години активна работа, има 940 вредни членови во 40 клубови во 14 градови во нашата држава со тенденција на постојан пораст.