Светот се обедини против коронавирусот, за три часа собрани 7,4 милијарди евра

108

На меѓународната донаторска конференција во организација на Европската унија собрани се 7,4 милијарди евра наменети за развој, производство и дистрибуција на вакцините и третман против Ковид – 19.

“Светот се обедини против коронавирусот и ќе победи. За само неколку часа, собравме 7,4 милијарди евра за вакцини против коронавирус, дијагностика и третман. Сите овие пари ќе придонесат за почеток на глобално работење и создавање единствено глобално јавно добро“, рече претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на крајот на тричасовната видео-конференција за донатори.

Проценките пред овој настан беа дека за почетен глобален одговор на пандемијата Ковид-19 ќе бидат потребни 7,5 милијарди евра.

“Реалноста е дека ќе мора да научиме да живееме со вирусот сè додека не ја развиеме вакцината“, рече Дер Лајен, најавувајќи дека извршната власт на ЕУ ќе издвои една милијарда евра, но дека ќе бидат потребни многу повеќе “за овој маратон“.

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека е во тек “трка со времето“ и донираше 500 милиони евра од име на неговата земја. Целта на конференцијата беше да се соберат четири милијарди евра за истражувања за вакцина, околу две милијарди евра за третмани и 1,5 милијарди евра за тестирање.

САД и Русија не учествуваа на собирот. Меѓу најголемите донатори беа Јапонија со 800 милиони долари, Германија со 525 милиони евра и Холандија со 192 милиони евра.

Околу 100 истражувачки групи се во потрага по вакцина, а од нив десетина се во рана фаза на тестирање врз луѓе. Но засега нема начин да се предвиди дали и која вакцина ќе биде безбедна за употреба. Дури и да се пронајде вакцина таа отпрво нема да биде на располагање за сите.  Неколку производители на вакцини признаваат дека почнале да креираат милионски дози со ризик дека ќе загубат милиони долари доколку вакцината се покаже неуспешна, но од друга страна- ќе се заштедат месеци за брза вакцинација.

Фото:Pixabay