Светозар Јаневски прогласен за бизнис лидер на столетието во регионот

22

s1

Претседателот на управниот одбор на ВВ Тиквеш и партнер во инвестициската група М6, Светозар Јаневски е добитник на меѓународната награда Креатори за столетијата за животно дело во претприемништвото.

Престижната награда што ја добиваат најзаслужните за развојот на претприемништвото во Југоисточна Европа беше доделена во рамките на самитот на претприемачите од регионот  – 300 Најдобри, што се одржа во Дубровник, Република Хрватска. Самитот на едно место ги собра најистакнатите бизнис лидери, претставниците на деловните здруженија, на граѓанскиот сектор, академската заедница и на државните институции во регионот, со цел да ги трасираат идните патишта и перспективи за економскиот и општествениот развој на Југоисточна Европа.

„Отсекогаш цврсто сум верувал дека луѓето и нивниот професионален развој и мотивација се клучниот фактор за успехот на компанијата. Работата со нив, инвестициите во нивното професионално надградување, градење на вештини, изложување на најновите трендови се од огромно значење за создавање кадри кои ќе го носат и развиваат претприемачкиот дух. Уште поважно е тие луѓе да ги охрабрите да донесуваат одлуки, да размислуваат отворено и да не се плашат да преземат иницијатива и ризик“, истакна Јаневски, заблагодарувајќи се за наградата.

Во конкуренција за годинешната награда Креатори за столетијата учествуваa 340 кандидати од сите земји во регионот и пошироко, а процесот на селекција на кандидатите траел 20 месеци. Господинот Јаневски е единствениот награден бизнис лидер од Македонија.

s2

За доделувањето на наградата одлучувал меѓународен комитет од 12 членови, составен од независни експерти од областа на економијата, менаџментот, маркетингот и претприемништвото од 5 земји: Хрватска, Словенија, Србија, БиХ и Македонија.

„За да се постигне целта и наградите да стигнат до оние што се најмногу заслужни за развојот на претприемништвото во регионот, неопходна беше крајно темелна, долготрајна и транспарентна постапка, што за нас – членовите на комитетот, беше од особено значење и претставува посебна вредност“, изјави проф. др. Синиша Зариќ од Економскиот факултет во Белград, во својство на заменик-претседател на Меѓународниот комитет за доделување на наградата Креатори за столетијата.