Светска банка ѝ помага на Македонија во подобрување на квалитетот на финансиско известување

59

svetska banka

Светска банка ги презентираше наодите од неодамна завршениот Извештај за почитување на стандардите и прописите за сметководство и ревизија (РОСК A&A), кој е дел од заедничката иницијатива на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, се вели во соопштението.

Оваа проценка се фокусира на силните страни и слабостите на сметководственото и ревизорско опкружување кои влијаат врз квалитетот на корпоративното финансиско известување и вклучува преглед на законските услови и реалната пракса.

Стратешка цел на овој извештај е поддршка на Владата во нејзините напори за подобрување на деловното опкружување во земјата, како и целта на земјата за пристап кон Европската унија.

Наодите и препораките од извештајот ќе придонесат во одлуките на Владата во насока на зголемување на конкурентноста и продуктивноста на целата економија преку обезбедување на времени и сигурни финансиски информации формулирани според меѓународно прифатени стандарди, истовремено почитувајќи ги стандардите на владеење кои создаваат доверба меѓу локалните и странски инвеститори.

“Подобреното финансиско известување и ревизија на корпоративниот сектор, заедно со соодветно објавување на финансиските информации придонесува за економскиот раст и развој, како и до подобрен пристап до финансирање, инвестициска клима и севкупно деловно опкружување и создавање работни места“, вели Горан Тињиќ, в.д. директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, и додава дека извештајот за почитување на стандардите и прописите за сметководство и ревизија придонесува во главната тема на Стратегијата за партнерство со земјата на Светска банка, која ја поддржува агендата за пристап кон Европската унија.

Конкретната цел на овој извештај е да се помогне на Министерството за финансии и другите чинители да ги надминат постојните недостатоци во институционалната инфраструктура потребна за релевантно и сигурно финансиско известување. Трите основни столбови на институционалната инфраструктура се: адекватни и соодветни законски основи, доволни капацитети за спроведување на ваквите обврски и ефективни механизми за извршување.

Овој извештај е надградба на првиот РОСК А&A подготвен во 2003 година, каде беа идентификувани повеќе области за подобрување. Новиот извештај потврдува дека земјата направила значителен прогрес во однос на усогласувањето на законската и институционална рамка со условите на ЕУ. Владата спроведе реформи усогласени со добрите меѓународни практики и соaquis communautaire. Главните подобрувања во сметководството од 2003 година вклучуваат: донесување на закон за вршење на сметководствени работи, усвојување на релативно новата верзија на Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), усвојувањето на МСФИ за малите и средни субјекти, подобрување на механизмите за поднесување на финансиски извештаи и подобрена транспарентност преку достапноста на податоци во Централниот регистар.

Дополнително, спроведените реформи вклучуваат: донесување на нов закон за ревизија, воспоставување на професионална институција за ревизори, подготовка на ажурирана програма за стекнување на уверение за овластен ревизор, замена на застарените ревизорски стандарди со понови верзии и воспоставување на механизми за осигурување на квалитетот и јавен надзор за ревизорската професија.

“Длабинската анализа на РОСК А&А вклучува преглед на примерок од објавени финансиски извештаи, каде беше утврдено дека генералниот квалитет на финансиското известување за компаниите од јавен интерес е подобрено споредено со извештајот од 2003 година“, вели Калина Шукарова, виш специјалист за финансиско управување при Светска банка и коавтор на извештајот, и додава  дека се потребни дополнителни напори за подобрување на квалитетот на финансиското известување и извештајот ги идентификува главните области, со цел да се обезбеди дека постигнатите придобивки се зацврстени и оддржливи на среден и долг рок“.

Извештајот нотира неколку области за понатамошно подобрување, вклучително и: целосно усогласување на законската рамка со директивите од ЕУ, вклучително и поедноставување на обврските на малите и средни претпријатија, преиспитување на организацијата на сметководствената професија за да се избегне преклопувањето и да се обезбеди долгорочен развој, продолжување со модернизацијата на сметководственото образование и обука, рационализирање на процесот на поставување на сметководствени и ревизорски стандарди, зајакнување на механизмите за обезбедување на усогласеност со стандардите.

Предложени следни чекори се Владата да ја дискутира дијагностиката со чинителите, да ги утврди приоритетните области за понатамошни реформи или подобрувања, изврши проценка на достапните ресурси и да ги утврди соодветните алокации и преостанати недостатоци. Светската банка се обврзува да ја продолжи поддршката на Република Македонија во тековниот процес на реформирање.