Светската банка ги запира развојните кредити за Кина

Светската банка од 2031 година целосно ќе ги запре развојните кредити за Кина, во рамки на новиот петгодишен партнерски план кој го одразува економскиот напредок на земјата.

Според планот договорен меѓу Светската банка и Кина, вкупното кредитирање на Пекинг ќе биде ограничено на две милијарди долари до 2031 година, по што развојните заеми ќе бидат прекинати.

Документот треба да биде разгледан од Одборот на директори на Светската банка во текот на неделата што почнува на 20 јули, но формално гласање не е предвидено, изјавил извор запознаен со процесот.

Претставник на Светската банка, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека Кина во изминатите децении постигнала значаен развоен напредок, со поддршка од Светската банка и други меѓународни институции.

„Сега влегуваме во нова фаза од нашите односи, која ја одразува таа реалност“, изјавил претставникот, пренесува Ројтерс.

Кредитирањето на Кина од средствата на Светската банка континуирано се намалувало во последните години, паралелно со силниот економски раст на земјата и намалувањето на сиромаштијата. Обемот на заемите достигнал врв во 2017 година, кога Кина добила 2,42 милијарди долари кредити, додека во 2025 година тој износ бил намален на 750 милиони долари.

Според Светската банка, нејзината улога во односите со Кина постепено се менува – од кредитор кон партнер кој обезбедува стручна и техничка поддршка во развојот.

Кина, истовремено, останува еден од најголемите финансиери на Меѓународното здружение за развој,(IDA) фонд на Светската банка наменет за најсиромашните држави. Во последниот циклус на финансирање Кина придонела со 1,5 милијарди долари, со што е петти најголем донатор.

Светската банка во последните години постепено ја намалува кредитната изложеност кон земјите кои достигнале повисоко ниво на економски развој. Претходно овој месец беше донесена слична одлука и за Полска, на која развојните кредити исто така ќе ѝ бидат укинати по 2031 година.

Соединетите Американски Држави и уште неколку земји со години бараа Светската банка да го прекине кредитирањето на Кина, со образложение дека Пекинг повеќе не треба да користи развојни заеми. Портпарол на американското Министерство за финансии го оцени планот како „чекор во добра насока“ и изрази очекување дека и други меѓународни финансиски институции ќе го следат истиот пристап.