Светски берзи: Индексите пораснаа и покрај растот на каматните стапки

18

Иако централните банки на западните земји ги зголемуваат каматните стапки, минатата недела индексите на глобалните берзи пораснаа, што главно се должи на корекцијата на цените на акциите по тринеделниот остар пад.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела порасна за 2,7 отсто, на 32.151 поен, додека S&P 500 скокна за 3,6 отсто, на 4.067 поени, а индексот Nasdaq порасна за 4,1 отсто, на 12.112 поени.

Индексите силно пораснаа, иако челниците на американската централна банка воопшто не попуштаат во нивната остра реторика за ограничување на инфлацијата. Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, минатата недела повтори дека ФЕД е „силно посветен“ на ограничување на инфлацијата и дека ќе продолжи да ја заострува монетарната политика додека не ја постигне таа цел.

Чарлс Јунс, претседател на филијалата на ФЕД во Чикаго, го поддржа Пауел велејќи дека ограничувањето на инфлацијата е приоритет. Значи, сосема е јасно дека ФЕД ќе продолжи агресивно да ги зголемува каматните стапки за да ја ограничи инфлацијата, која се движи околу највисоките нивоа во повеќе од 40 години.

ФЕД ги зголемува каматните стапки од март, а дополнително ќе ги зголеми на дводневната седница на 20 и 21 септември. Се очекува ново, трето по ред, зголемување од 0,75 процентни поени, во опсег од 3 до 3,25 отсто.

Се проценува и дека до крајот на годината каматните стапки би можеле да изнесуваат 3,7 отсто, а до март следната година до 4 отсто.

И покрај тоа, цените на акциите на најголемата светска берза силно пораснаа, што според аналитичарите е последица на корекција на цените по нивниот остар пад во претходните три недели.

„Не е изненадување што имаше такво отскокнување бидејќи голем дел од тоа се од техничка природа. Не би бил изненаден доколку пазарот дополнително зајакне на почетокот на следната недела, а потоа полека опаѓа до објавувањето на извештајот за потрошувачките цени“, вели Џек Јанасиевич, стратег во Natixis Investment Managers Solutions.

Тој извештај, кој ќе биде објавен во вторник, ќе биде во фокусот на инвеститорите бидејќи ќе покаже колку се намалија инфлациските притисоци во август, со оглед на тоа што цената на горивата падна тој месец.

Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека инфлацијата се лизна на 8,1 отсто во август, од 8,5 отсто еден месец порано.