Светски искуства за општествена одговорност во Македонија

42

Бизнис секторот во Македонија покажува сè поголем интерес за општествена одговорност и филантропија. Истражувањата покажуваат дека повеќе од половина од компаниите донираат во текот на годината. Бизнис секторот во Македонија во 2013 издвоил повеќе од 10 ипол милиони евра за донации и спонзорства. Тоа што недостасува е стратешки приод на бизнис секторот за општествена одговорност и за соработка со граѓанските организации во градењето на позитивни општествени промени.

Размената на искуства и следењето на добрите практики е неопходно за развивање на проекти во областа на општествената одговорност. Со цел да се поттикнат македонските компании поинтензивно и сеопфатно да размислуваат за вклучување на општествена одговорност во своите стратегии, на покана на здружението Конект, а со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, во Скопје доаѓа една од водечките експертки во областа на општествената одговорност, Лиса Мекилвена, заменик директор на Business in the Community од Северна Ирска.

За време на нејзиниот престој таа ќе се сретне со претставници на граѓанскиот сектор, бизнис секторот и нивните комори, студенти и млади. Како што велат од Конект, од посебно значење е работилницата за претставници на бизнис секторот што ќе се одржи на 31 март во соработка со Американската стопанска комора на тема “Подготовка на ООП проекти и нивно менаџирање“. Пошироката јавност е повикана на презентација за општествена одговорност што ќе се одржи на 1 април 2015 во Американското катче во Скопје од 16 до 17 часот. Граѓанските организации и бизнисите ќе добијат практични совети за како да постапат во развивањето на ООП проекти и практики за прибирање на ресурси од бизнис секторот.

“Бизнисите се составен дел од општеството и неизбежно влијаат на него на позитивен и негативен начин. Експертите велат дека вклучувањето на општествено одговорни практики во секојдневното функционирање не е ништо друго туку начин на водење бизнис. Директно е поврзано со одржливиот развој и затоа општествената одговорност треба да биде стратешки интегрирана целосно во бизнис процесот на компанијата. Нашата цел е македонските компании да се стремат кон градење на постратешки приод градејќи партнерства со организации што поседуваат експертиза во областа на ООП и со граѓанскиот сектор“, додава Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.