
На светските берзи цените на акциите паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи голема е веројатноста поради високата инфлација каматните стапки во САД и другите западни земји да останат покачени подолго од очекуваното.
На Волстрит, Dow Jones падна за 1,3 отсто минатата недела, на 33.507 поени, а S&P 500 падна за 0,7 отсто, на 4.288 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,1 отсто, на 13.219 поени.
Најголемата светска берза веќе десетина дена се тргува неизвесно, откако челниците на американската централна банка изјавија дека каматните стапки би можеле дополнително да се зголемат до крајот на годината и дека можат да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното.
Како резултат на тоа, приносите на американските 10-годишни државни обврзници достигнаа нови највисоки нивоа за 16 години, што ги прави обврзниците сè поатрактивна инвестиција.
Инвеститорите се загрижени и за ризикот од привремено затворање на владините служби, што би имало негативно влијание врз американската економија. Имено, доколку Конгресот не обезбеди средства за фискалната година која започнува на 1 октомври, работата на државните служби би била стопирана, а стотици илјади вработени би биле привремено без работа и без плата.
Секоја година околу ова време, републиканците и демократите преговараат за дополнително финансирање на владините служби и обично постигнуваат договор во последен момент.
Од друга страна, пазарот го поддржаа макроекономските податоци кои покажаа дека американската економија солидно растеше во вториот квартал и дека стабилниот раст продолжи и во третиот квартал.
Во исто време, инфлаторните притисоци полека се намалуваат. Во петокот беше објавен извештајот за расходите за лична потрошувачка, според кој инфлацијата првпат по повеќе од две години се лизна под 4 отсто. Но, тоа е сепак далеку над целното ниво на ФЕД од 2 отсто.
Во текот на целиот септември, Dow Jones падна за 3,5 отсто, S&P 500 за речиси 5 отсто, а Nasdaq индексот за 5,8 отсто. Поради ова, индексите бележат пад и во целиот трет квартал. Dow Jones загуби 2,6 отсто, S&P 3,6 отсто, а Nasdaq 4,1 отсто.
И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 1 отсто, на 7.608 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,1 отсто, на 15.386 поени, а париски CAC 0,7 отсто, на 7.135 поени. Индексот FTSE 600 на водечките европски акции падна за 2,1 отсто во текот на целиот септември, а за 2,9 отсто во третиот квартал.