Светските берзи паднаа по четири недели раст

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела, по четири недели раст, бидејќи апетитот на инвеститорите за ризик стивнува, имајќи предвид дека централните банки ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација, додека економскиот раст забавува.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела загуби 0,2 отсто, на 33.706 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,2 отсто, на 4.228 поени, а индексот Nasdaq падна за 2,6 отсто, на 12.705 поени.

Претпазливост на Волстрит

На најголемата светска берза минатата недела преовладуваше претпазливост, бидејќи инвеститорите не се сигурни дека нагорниот тренд на пазарот, кој трае веќе четири недели, е одржлив.

„Ние сме во момент кога инвеститорите се обидуваат да сфатат дали зголемувањето на каматните стапки ќе го запре растот на пазарот. Има два табора – оние кои веруваат дека најлошото е зад нас, па купуваат акции, и оние кои веруваат дека најлошото допрва доаѓа, дека неодамнешниот пораст на цените на акциите само се враќа на мечкиниот пазар и ќе биде проследен со нов пад“, објаснува Рик Меклер, партнер во Cherry Lane Investments.

По остриот пад во првата половина од годината, индексот S&P 500 порасна за околу 13 отсто од средината на јуни, благодарение, меѓу другото, и на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите.

Благ пад на инфлацијата во САД

Во последните недели, пазарот беше поддржан и од благ пад на инфлацијата во САД од највисоките нивоа во повеќе од 40 години, бидејќи ги подгреа надежите на инвеститорите дека американската централна банка нема да ги зголеми каматните стапки толку агресивно како порано.

ФЕД ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени од март, а се очекува да ги зголеми и во септември. Сепак, инвеститорите се надеваат дека зголемувањето ќе биде за 0,50, а не за 0,75 процентни поени, како што се очекуваше до неодамна.