Светските берзи „паднаа“ за околу 20 отсто во 2022 година, најмногу од 2008 година

77

На светските берзи во 2022 година, цените на акциите нагло паднаа поради повеќе причини, од војната во Украина до слабоста на кинеската економија, но најмногу поради агресивното зголемување на каматните стапки од страна на централните банки со цел да се потисне високата инфлација.

Индексот MSCI на сите големи берзи во светот падна за околу 20 отсто во текот на изминатата година, што е негова најголема загуба од светската финансиска криза во 2008 година, кога „потона“ за повеќе од 43 отсто.

Истовремено, на Волстрит, најголемата светска берза, Dow Jones загуби 8,7 отсто, додека S&P 500 падна за 19,4 отсто, а Nasdaq индексот 33 отсто.

„Тоа е резултат на повеќе причини, од проблемот со вирусот Ковид во Кина до инвазијата на Украина. Но, најважното нешто за инвеститорите е што и да прави ФЕД“, вели Арт Кашин, директор за берзански операции во швајцарската банка УБС.

Бидејќи инфлацијата во САД на средината на годината го достигна највисокото ниво во последните 40 години, американската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки за вкупно 4,25 процентни поени, на највисоките нивоа од 2008 година.

Вакво агресивно заострување на монетарната политика од страна на ФЕД не е забележано од 1980-тите, а тоа предизвика остар пад на цените на акциите. Падот од 19 отсто на индексот S&P 500 збриша околу 8 трилиони долари во берзанската вредност. Во исто време, најмногу паднаа цените на акциите на технолошките компании кои не ја сакаат околината со високи камати.

Откако силно пораснаа во 2021 година, за време на закрепнувањето од корона кризата, во 2022 година цените на акциите на технолошките гиганти како Apple, Alphabet, Microsoft, Nvidia, Amazon.com и Tesla потонаа меѓу 28 и 66 отсто.

И повеќето други сектори забележаа пад, но индексот S&P на енергетскиот сектор скокна за 59 отсто во изминатата година, благодарение на растот на цената на нафтата.

Во последниве месеци, инфлациските притисоци во САД се намалија, што ја поддржува надежта дека ФЕД наскоро ќе стави крај на циклусот на зголемување на стапката. Сепак, инвеститорите стравуваат дека економијата ќе западне во рецесија во 2023 година, а каматните стапки ќе останат на високи нивоа подолго од очекуваното.

Покрај рецесијата, инвеститорите се загрижени и за брзото ширење на вирусот Ковид во Кина, откако тамошните власти се откажаа од политиката на нулта толеранција кон Ковид и почнаа да ги олабавуваат рестриктивните мерки. На долг рок, велат аналитичарите, тоа ќе го стимулира растот на втората по големина светска економија.

Сепак, бројот на заразени не само во урбаните, туку и во руралните делови на Кина рапидно расте, па здравствените експерти проценуваат дека повеќе од милион луѓе се заразуваат со Ковид секој ден. Инвеститорите стравуваат дека со укинувањето на рестриктивните мерки ширењето на инфекцијата ќе се забрза и ќе трае подолг период, што може да изврши притисок врз здравствениот систем и целата економија во наредните месеци.

Поради оваа и низа други причини, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции падна во изминатата година за околу 19 отсто, што е негова најголема загуба од 2008 година.