Танкер „лута“ по Јадранот, никој не знае чија нафта носи

51

За прв пат од 2018 година, откако САД воведоа построги санкции кон Иран, танкер со иранска нафта плови по Јадранот, во близина на островот Крк во Хрватска.

Иако Европската унија нема воведено ембарго на иранската нафта, тоа е непожелно поради американските санкции, а секој што ќе се осмели да тргува, транспортира или истовари, како и банките кои ќе спроведат плаќање, ризикува казни и проблеми на американскиот пазар, како и нарушување на угледот.

Кога Американците открија што превезуваат, танкерот со иранска нафта одеднаш стана „жешка роба“ која никој не сака да ја прифати и веќе една недела плови по Јадранот, со засега неизвесна судбина.

Најпрвин на 4 мај стигнал до Омишаљ, каде според распоредот на бродот требало да го растовари товарот во Јанаф (Јадрански нафтовод).

Потоа, американската организација и лобистички собир UANI (Обединети против нуклеарниот Иран) испрати предупредувачки писма до Јанаф, пристанишната агенција Каприс, преку која беше ангажиран танкерот и пристаништето Риека. Веднаш потоа танкерот кој плови под знамето на Панама се свртел и се вратил во Јонското Море, но во неделата испловил кон Јадранот, пренесува Вечерњи лист.

Во понеделникот нешто по полноќ повторно бил на влезот во Омишаљскиот залив.

Во Јанаф велат дека пристигнувањето на бродот не им било најавено, а крајна дестинација, пишува Вечерњи лист, може да биде Унгарија или Србија.

Фото: Pixabay