Тарифите на Трамп го попречуваат растот на продажбата на паметни телефони, прогнозата за 2025 година е преполовена

Новите царини воведени во април од администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, создадоа неизвесност на пазарот што значително ќе ја забави продажбата на паметни телефони, предупредуваат аналитичарите.

Според ревидираните прогнози, IDC (International Data Corp) очекува глобалните испораки на паметни телефони да пораснат само за 0,6 проценти во 2025 година, а Counterpoint Research предвидува малку поголем раст од 1,9 проценти.

И двата истражувачки центри посочуваат на можното зголемување на цената на уредите и влошувањето на макроекономската средина како клучни фактори што можат негативно да влијаат на потрошувачката, објавува Блумберг.

Производителите на паметни телефони што извезуваат во САД сега мора да ги избалансираат геополитичките тензии и потребата од диверзификација на синџирите на снабдување, што создава неизвесност на пазарот, коментираше претставничката на IDC, Набила Попал.

Трамп овој месец се закани дека ќе воведе царина од 25 проценти на сите увезени телефони произведени надвор од САД и го предупреди извршниот директор на Apple, Тим Кук, дека не треба да произведува телефони во Индија, туку во Америка.

Кинеската компанија Huawei е светла точка во оваа ситуација. Компанијата од Шенжен доживува закрепнување на домашниот пазар благодарение на сопственото производство на чипови, а Counterpoint Research проценува дека Huawei би можел да постигне напредок и на глобално ниво.