ТАВ: 1,6 милиони патници патувале преку македонските аеродроми за девет месеци

15

aerodrom-tav-skopje-facebook

Фото: Facebook

Вкупно 1,6 милиони патници (1.546.193) патувале преку двата македонски аеродрома – скопскиот аеродром Александар Велики и охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, во текот на деветте месеци од 2017 година, што претставува годишен пораст од 12% споредено со истиот период во 2016 година, известуваат од ТАВ Македонија.

Двата аеродрома од јануари до септември 2017 година, опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за 6% на годишно ниво.

“Порастот на патничкиот сообраќај продолжи и во 2017 година, иако во првата половина од годината имавме релативно помал пораст, но по воведувањето на четирите линии од скопскиот аеродром и новите сезонски летови од охридскиот аеродром, во втората половина од годината, повторно забележавме двоцифрени бројки во порастот на бројот на патници. Очекуваме да ја завршиме годинава со солиден пораст на вкупниот број на патници. Како аеродромски оператор ТАВ Македонија и натаму ќе ги промовира скопскиот и охридскиот аеродром кај авиокомпаниите и тур – операторите, со цел да овозможи нови дестинации и нови авиолинии за нашите патници. Некои од неодамнешните маркетинг активности беа присуството на Маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми на форумот World Routes во Барселона на крајот од септември, додека пак во изминатата недела бевме домаќини на група италијански новинари при нивната туристичка посета на Македонија, што треба да резултира со промоција на Македонија како туристичка дестинација на италијанскиот пазар“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Ерсој додава дека заедно со развојот на мрежата на авиолинии, ТАВ Македонија исто така продолжува да го проширува и опсегот на аеродромски услуги, како и да го подобрува нивниот квалитет, со цел да се постигне поголемо задоволство кај патниците.

Според статистиките на ТАВ за патничкиот сообраќај во првите девет месеци, најфреквентната дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (12,4%), потоа следуваат Цирих (8,7%), Виена (6,8 %), Базел (5,1%), Малме (4,6%) и Лондон (3,9%).

Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците со 57,5% пазарен удел, а потоа следуваат Turkish Airlines (8,5%), Austrian Airlines (6,8%), Germania Flug (5,1%) и Pegasus Airlines (4,5%).

Скопскиот аеродром годинава го имаше најпрометниот август досега, опслужувајќи 216.409 патници, со пораст од 23,7% во патничкиот сообраќај и 22,4% пораст во бројот на летови, достигнувајќи рекордни бројки во сообраќајот досега, што беше потпомогнато од спортскиот настан – UEFA Супер купот.

Седми август – понеделник, беше најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје во овој период од девет месеци, кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови.

Оваа година пет нови дестинации беа воведени од аеродромот во Скопје. Во април почна да сообраќа новата линија до Будимпешта, а во текот на јули беа воведени линиите до Рим, Малта, Ваксјо и Доха. Паралелно со ова, Wizz Air го постави четвриот воздухоплов во базата на скопскиот аеродром, додека авиокомпанијата Qatar Airways како нов бренд влезе на македонскиот пазар. На аеродромот во Охрид, беше воведена новата дестинација – Катовице, со што Полска се отвори како нов пазар за патници во доаѓање.

ТАВ Македонија со поддршката од Одделот за маркетинг на ТАВ Аеродроми од Истанбул ќе продолжи да ги промовира македонските аеродроми и Македонија како туристичка дестинација, на сите релевантни светски конференции и саеми за авијација и туризам, со цел да привлече нови авиокомпании и нови тур – оператори да влезат на македонскиот пазар, а во исто време да ги убеди веќе постојните да ги прошират своите дестинации и фреквенциите од Скопје и од Охрид.

Дел од маркетиншките активности преземени од страна на Одделот за маркетинг од Истанбул во текот на оваа година беа организираните туристички посети на Македонија за турските блогери во мај 2017 година, потоа за полските новинари во јули 2017 година, како и последната промотивна посета овој месец, организирана за италијанските новинари.