ТАВ Македонија и Wizz Air најавија три нови авиолинии

23

aerodrom-aleksandar-veliki

Авиокомпанијата и аеродромскиот оператор ТАВ Македонија денеска прославија три милиони патници на Wizz Air во Македонија, најавија три нови авиолинии и базирање на четврт воздухоплов во Скопје.

Wizz Air, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во Централна и Источна Европа и ТАВ Македонија, компанијата што управува со двата македонски аеродрома, најавија отворање на три нови авиолинии од Скопје до Малта, Рим и Ваксјо (Шведска), како и базирање на четвртиот воздухоплов на авиокомпанијата на скопскиот аеродром. Заедно со оваа возбудлива најава, Wizz Air и ТАВ денеска прославија и важно достигнување – три милиони патници на авиокомпанијата во Македонија, заедно дочекувајќи го три милионитиот патник на скопскиот аеродром Александар Велики.

Ширењето на мрежата на рути на Wizz Air ќе почне во јули годинава, кога во исто време со базирањето на четвртиот воздухоплов во нивната база во Скопје, почнувајќи од 14-ти и 16-ти јули, авиокомпанијата ќе почне да лета од Скопје до три нови возбудливи дестинации – Малта, Рим (Чампино) и Ваксјо (Шведска).

Продажбата на билетите за овие три нови линии почнува денеска, на wizzair.com со цени кои почнуваат од 1.799 денари, додека сите резервации направени на која било од 27-те дестинации достапни од Скопје, денеска 28-ми февруари до полноќ ќе бидат со специјален попуст од 20%.

“Денешната најава дополнително ја истакнува нашата заложба кон Македонија и посветеноста на Wizz Air за носење можности за патување по најниска цена за нашите клиенти, заедно со одличната услуга на Wizz Air за време на летовите каде што ја имаме една од најмладите флоти кои што оперираат во Европа. Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови, значи повеќе работни места во Македонија и во Wizz Air, но и кај нашите бизнис-партнери, и тоа дополнително ќе ги стимулира туристичките и угостителските индустрии и ќе ги зајакне бизнис односите во Македонија. Како најголема авиокомпанија што оперира во земјата, Wizz Air исто така денес прославува важно достигнување – три милиони патници превезени на нашите нискотарифни линии до и од Македонија. Ја прославуваме успешната приказна на Wizz Air во Македонија со специјална продажба на авионски карти со 20% попуст на цената за сите нови резервации направени денеска, 28 февруари, до која било од 27-те дестинации достапни од Скопје“, изјави Овен Џонс, Главен директор за корпоративни прашања на Wizz Air.

Покрај новите воведени линии, летовите од Скопје до Ајндховен, Брисел – Шарлероа, Меминген (Минхен Запад) и Копенхаген ќе бидат со зголемени фреквенции до три летови неделно, додека конекциите од Скопје до Гетеборг Ландветер, Братислава и од Охрид до Базел – Милхаус – Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно. Во исто време, популарните летови од Скопје до Малме и Милхаус сега ќе сообраќаат секој ден.

“Наша голема чест и задоволство е што пред почетокот на летниот распоред на летање, денеска сме тука да го прославиме достигнувањето три милиони патници на Wizz Air во Македонија, базирањето на нивниот четврт авион во Скопје, но и уште една убава вест – најавата на трите нови линии за Рим, Малта и Ваксјо (Шведска), за кои сме сигурни дека ќе бидат дочекани со огромен интерес и возбуда од страна на патниците на скопскиот аеродром Александар Велики. Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на Wizz Air до Будимпешта, којашто ќе почне од втори април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Четвртиот воздухоплов на Wizz Air што се приклучува на флотата во базата во Скопје претставува натамошна инвестиција од дополнителни 99 милиони евра од страна на Wizz Air во Македонија, притоа отворајќи дополнителни директни работни места, со што вкупниот број на директни вработувања на авиокомпанијата во Скопје ќе достигне 150.

Во 2016 г. Wizz Air, најголемата авиокомпанија во Македонија, превезе преку еден милион патници на ниско-тарифните македонски рути, што претставува пораст од 27% на годишно ниво и поддржува повеќе од 750 локални работни места во сродни индустрии. Прикажувајќи ја својата посветеност кон македонскиот пазар, авиокомпанијата постојано инвестира во својата постојано растечка мрежа, нудејќи 29 линии до 13 земји од двата македонски аеродрома: во Скопје и во Охрид, вклучително и рутата од Скопје до Будимпешта што почнува во април.

Во текот на минатите шест години, откако Wizz Air го почна првиот лет од Скопје до Лондон во јуни 2011 г., три милиони патници уживале во Wizz Air искуството, ниските цени, лесниот систем за резервација и одличната услуга за време на летот на една од најмладите и најефикасните флоти во Европа.

ТАВ Македонија и во минатата 2016 г. продолжи со импресивниот двоцифрен пораст на бројот на патници, достигнувајќи 1,8 милиони патници на двата македонски аеродрома, Александар Велики – Скопје и Св. Апостол Павле – Охрид, што е зголемување од 15% на годишно ниво. Во исто време бројот на летови е зголемен за 8,9%, достигнувајќи вкупно 16.883 летови во 2016 г.