ТАВ Македонија: Пораст од 75% на бројот на патници во последните пет години

17

tav

Пораст за 75% на бројот на патниците на аеродромите Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид и 17 нови редовни авиолинии регистрира ТАВ Македонија во изминатите пет години откако го презеде менаџирањето со македонските аеродроми, пишува Миа.

Од 729.297 патници во 2010 година, лани вкупната бројка достигна 1.278.343 патници. На скопскиот аеродром растот на превезени патници е за 76,7%, од 684.905 во 2010, на 1.210.509 минатата година.

Според Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија, компанијата постигнала значителен развој во авиосообраќајот во Македонија.

“Денес од Скопје може да се лета кон вкупно 26 дестинации во Европа и една кон Дубаи, што е значајна разлика во однос на состојбата која беше затекната во 2010-та, кога главниот град имаше воздушно поврзување со само 10 градови“, рече денеска Крстевски.

Според статистиката на ТАВ Македонија, моментно најфреквентна дестинација од аеродромот во Скопје е Истанбул, со 15,7% пазарен удел, а по неа следат Виена, Цирих, Базел – Милхаус, Малме, Лондон – Лутон и Белград. Топ држави со директни летови се Турција (17,25% пазарен удел), Германија (14,46%), Швајцарија (13,75%), Шведска (11,52%), Австрија (8,2%) и Италија (7,6%).

Нискобуџетната Визер лани превезла најголем број патници со 46,3% пазарен удел, а по неа следуваат Туркиш ерлајнс, Аустријан ерлајнс, Ер Србија, Пегасус ерлајнс и Еделвејс.