ТАВ Македонија во преговори со германската нискобуџетна авиокомпанија Eurowings

19

ТАВ Македонија преговара со германската нискобуџетна авиокомпанија Eurowings, којашто е дел од групацијата Lufthansa, за воведување авиолинии Скопје – Минхен и Скопје – Дизелдорф, јавува Миа.

По првичните преговори, деновиве претставник на Eurowings во Скопје остварил средби со менаџментот на ТАВ Македонија и претставниците на маркетинг – одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, како и со надлежните владини институции и туристичките агенции од земјава.

Eurowings, со седиште во Дизелдорф, е дел од групацијата Луфтханза и се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 140 дестинации во над 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации за одморање. Лета во повеќе земји од регионот, како Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Србија, Турција.

“Преговорите со Eurowings се дел од нашите маркетинг активности кои постојано ги спроведуваме, со цел проширување на мрежата на линии од двата македонски аеродрома. Моментално со германскиот авиопревозник разговараме за линии до главниот аеродром во Минхен и до Дизелдорф. Доколку преговорите завршат успешно, македонските граѓани не само што ќе добијат дополнителни воздушни врски до овие градови во Германија, туку и нови конекции во рамки на Европа, како и интерконтинентални конекции за летање благодарение на код – шер договорот меѓу компанијата мајка – Lufthansa и компанијата ќерка – Eurowings“, вели Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според него, ТАВ Аеродроми постојано презема слични активности, одржува состаноци и преговара со авиокомпании и тур – оператори, меѓу кои и посета на полски и француски тур – оператори на Македонија и на Охрид, минатата година, што резултира со конкретен договор и од оваа летна сезона најголемиот полски тур -оператор ќе почне со летови од Варшава и од Катовице до Охрид.

Во 2016 година, ТАВ во Македонија го донесе најголемиот европски тур – оператор Томас Кук, што отпочна летови на рутата Брисел – Охрид, а во исто време стартуваа и чартерите Охрид – Белград на Air Serbia и Охрид – Тел Авив на Аркиа. Од скопскиот аеродром минатата година беа отворени четири нови линии до Берлин, Копенхаген, Братислава и Хановер со Wizz Air.