ТАВ: Нордика од Естонија почнува со летови Охрид – Талин од следната година

66

aerodrom-tav-skopje-facebook

Фото: Facebook

Естонскиот авиопревозник Нордика ќе почне да лета на авиолинијата Талин – Охрид – Талин, почнувајќи од летната сезона во 2018 година, најави ТАВ Македонија.

По успешните преговори што ги водеше Маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, авиопревозникот ја потврди својата одлука за почеток на операциите од Македонија и ќе воведе сезонски летови од естонскиот главен град до македонскиот туристички бисер Охрид, од почетокот на летната сезона во 2018 година.

“Среќни сме што најавуваме уште една нова дестинација од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле до Талин, со којашто ќе оперира естонскиот авиопревозник Нордика од први јуни следната година. Со сезонските летови на линијата Талин – Охрид – Талин, Нордика еднаш неделно, секој петок, почнувајќи од први јуни сѐ до 15-ти септември, ќе носи туристи од Естонија на Охридското Езеро. Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето над 2.500 патници од Естонија ќе слетаат на охридскиот аеродром. Со отворањето на директната авиолинија до Талин, отвораме еден сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром – Естонија и навистина сме среќни поради тоа, бидејќи ќе значи бенефит не само за аеродромот, туку и за целата туристичка заедница. Би сакале да му се заблагодариме на нашиот Маркетинг оддел од Истанбул којшто успеа да ја убеди Нордика да почне да лета од Македонија, како и на Нордика ерлајнс за нивната одлука да почнат со операции од охридскиот аеродром“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор  на ТАВ Македонија.

Според најавите на авиопревозникот, летот од Охрид до Талин ќе трае три часа. Билетите се пуштени во продажба од денеска (26-ти септември) со цени кои почнуваат од 99,90 евра.

Нордика го промовира Охрид меѓу Естонците како најпопуларната дестинација за одмор во Македонија, како прекрасен и романтичен град со богата архитектура, со пејзажи коишто го одземаат здивот, притоа потенцирајќи дека станува збор за град којшто е под заштита на УНЕСКО.

“На нашите клиенти сакаме да им понудиме и алтернативни дестинации, како дополнување на големите градови. Нашата цел е да пронајдеме различни и возбудливи дестинации за одмор коишто на естонските граѓани ќе им овозможат да уживаат во откритието и во локалните цени коишто овозможуваат комплетно уживање во летниот одмор. Многу луѓе ги посетиле Париз и Рим, но Македонија со нејзината фантастична природа и култура дефинитивно вреди да се посети. Кога избираме некоја нова дестинација, многу внимаваме и на тоа патниците преку неа да може да посетат уште неколку други земји во исто време“, изјави Свен Кукемелк, ивршен директор за развој на бизнисот во Нордика.

Според Кукемелк, дестинациите до коишто лета Нордика во летниот период се многу популарни. Изминатово лето авиокомпанијата превезе повеќе од 20.000 патници со нејзините сезонски летови до Сплит, Риека и Одеса.

Нордика е националниот авиопревозник на Естонија и нуди голем број летови од Талин до различни европски дестинации. Во соработка со партнерските авиопревозници нуди врзани летови до повеќе од 140 дестинации во светот.

Талин ќе биде петтата нова дестинација до којашто ТАВ воведе чартер лет од охридскиот аеродром во изминатите две години, поврзувајќи го Охрид како најпозната туристичка дестинација со Естонија, којашто ќе стане сосема нов дојдовен пазар за Охрид и за нови патници на охридскиот аеродром, но и за нови туристи на Охридското Езеро.

ТАВ годинава во јуни ги промовираше летовите од Полска на релацијата Катовице – Охрид – Катовице, додека во 2016 година успеа одново да го воспостави чартерм летот од Белград до Охрид, како и да воведе чартер летови од уште две дестинации – Тел Авив и Брисел до охридскиот аеродром Св. Апостол Павле.

Со традиционалните чартер летови од Амстердам и редовните линии до Цирих, Базел и Лондон кои функционираат преку целата година, охридскиот аеродром беше забележан и од ACI и прогласен за еден од најбрзорастечките аеродроми во Европа, во својата категорија.

ТАВ Македонија ги заврши првите осум месеци од 2017 година со пораст на бројот на патници од 10 отсто на двата македонски аеродроми – Александар Велики во Скопје и Св.Апостол Павле во Охрид. Во истиот период, бројот на летови порасна за значителни 18% на годишно ниво.