Технолошка поддршка – роботи со УВ светлина уништуваат вируси во болници

112

За жал, сè уште не можеме да влијаеме на некои појави, како на пример вирусите, но технологијата е таму за да ја “поддржи“ ситуацијата. Затоа се дизајнирани роботи кои чистат простории во болниците, брзо и ефикасно.

“Ве молиме, напуштете ја просторијата, затворете ја вратата, започнува дезинфекција“, разгласува роботот на кинески јазик, раскажува Симон Елисон, претседател на UVD Robots.

Новинари на BBC присуствуваа на демонстрација и гледаа низ стаклото како машината со употреба на УВ светлина ги убива сите вируси во болничката соба. Елисон вели дека овој бизнис досега се развивал со брзо темпо, но коронавирусот дополнително го забрзал процесот.

Во Вухан биле испратени камиони со роботи кога ситуацијата со короната беше најлоша, а продажбата потоа се развиваше и во други делови на Азија, како и во Европа. Од роботите побарала и Италија која во моментов е во најлоша ситуација. Производството им се зголемило за три пати.

Елисон понатаму објаснува дека осумте светилки испуштаат УВ зрачење и ги уништуваат сите вируси, бактерии и други штетни микроорганизми со тоа што влијаат врз нивната ДНК и рибонуклеинска киселина, така што тие не можат да се репродуцираат понатаму. Важно е да се напомене дека оваа светлина е толку силна, исто така е опасна за луѓето, па затоа треба да чекаат надвор додека роботот не заврши со дезинфекција. Работата е завршена за 10 до 20 минути и после тоа сè е чисто.

Првиот робот беше лансиран во почетокот на 2019 година, по шестгодишна соработка помеѓу матичната компанија Blue Ocean Robotics и Универзитетската болница во Одензе.

Роботот чини 67.000 долари и иако нема потврден доказ дека делува против короната, компанијата вели дека се убедени дека помага.

Фото: Youtube Printscreen