
Индексот Dow Jones остана речиси непроменет на 46.601 поен, додека S&P 500 порасна за 0,58 отсто на 6.753 поени, а индексот Nasdaq скокна за 1,12 отсто на 23.043 поени.
Новите рекорди за индексите S&P 500 и Nasdaq се благодарение на порастот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти, бидејќи разни деловни зделки поврзани со развојот на вештачката интелигенција долго време го поддржуваат растот на технолошкиот сектор.
„Главната тема е сè уште агресивниот раст, бидејќи постојано пристигнуваат нови вести за разни деловни зделки поврзани со областа на вештачката интелигенција. Сè што е поврзано со вештачката интелигенција привлекува големо внимание“, вели Бил Мерц директор во компанијата „U.S. Bank Wealth Management“.
Инвеститорите вчера беа фокусирани и на записникот од последниот состанок на американската централна банка, кој покажа поделба во мислењата за каматните стапки. Некои се загрижени за слабеењето на пазарот на трудот и се подготвени за натамошно намалување на каматните стапки до крајот на годината, додека други не се склони агресивно да ја намалат цената на парите бидејќи инфлацијата е сè уште далеку над целното ниво на ФЕД од околу 2 проценти.
ФЕД ги намали каматните стапки за 0,25 отстотни поени во септември, а повеќето аналитичари проценуваат дека ќе ги намалат уште двапати за 0,25 отстотни поени до крајот на годината.