Технолошкиот бум создава нови богаташи: Зошто LVMH, Dior и Hermès масовно отвораат продавници во САД?

Европските компании за луксузни стоки брзо го зголемуваат своето присуство на американскиот пазар, обидувајќи се да го привлечат растечкиот број богати потрошувачи кои имаат корист од бумот во секторите за технологија и вештачка интелигенција, додека побарувачката во Европа, Кина и Блискиот Исток се соочува со предизвици.

Најголемите светски луксузни брендови, вклучувајќи ги LVMH, Gucci, Dior, Montclair и Herme, го интензивираа отворањето нови продавници и организирањето модни настани во Соединетите Држави во последните месеци, објавува Ројтерс.

Според консултантската фирма „Савилс“, во текот на 2025 година, Северна Америка за прв пат стана водечки регион по бројот на нови луксузни продавници, со 27 проценти од сите отворања на глобално ниво, пред Европа со 26 проценти и Кина со 19 проценти.

Експертите проценуваат дека американскиот пазар нуди значителен простор за раст, бидејќи бројот на луксузни продавници сè уште заостанува зад бројот на многу богати жители.

Во исто време, луксузниот сектор се соочува со забавување на побарувачката на другите клучни пазари.

Кина продолжува да ги чувствува ефектите од кризата на пазарот на недвижности и послабата потрошувачка, додека воените настани на Блискиот Исток негативно се одразија на туристичките патувања и купувањето на луксузни стоки.

Позитивните трендови во Америка се видливи и во деловните резултати на водечките компании.

Ричемонт, сопственик на брендот Картие, рече дека продажбата во регионот на Америка се зголемила за 18 отсто на годишно ниво во првиот квартал, што го означи деветтиот последователен квартал со двоцифрен раст.

Аналитичарите наведуваат дека претстојните јавни понуди на акции на големи технолошки компании во Соединетите Американски Држави би можеле дополнително да ја стимулираат побарувачката за луксузни часовници, накит и модни производи, но предупредуваат дека враќањето на посилниот раст на кинескиот пазар ќе биде неопходно за поцелосно закрепнување на секторот.

Американските потрошувачи моментално сочинуваат околу една петтина од вкупната глобална потрошувачка на луксузни стоки, што ги прави клучен столб на индустријата во период на зголемена неизвесност на светскиот пазар.