Технолошкиот сектор го поттикна растот на Волcтрит

Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во среда, при што Nasdaq достигна рекордно високо ниво, главно благодарение на растечките цени на акциите на технолошките гиганти како што е Nvidia.

Dow Jones доби 0,49 проценти, на 44.458 поени, додека S&P 500 порасна за 0,61 процент, на 6.263 поени, а индексот Nasdaq за 0,95 проценти, на 20.611 поени.

Новиот рекорд на индексот Nasdaq е најмногу благодарение на скокот на цената на Nvidia за 1,8 проценти, со што пазарната вредност на производителот на полупроводници достигна 3.970 милијарди долари, што е рекордна пазарна капитализација на компанија во светот.

Цените на акциите на неколку други технолошки гиганти, како што се Microsoft и Amazon.com, исто така значително пораснаа, за повеќе од 1,4 проценти.

Инвеститорите беа фокусирани и на записниците од последната седница на американската централна банка, каде што челниците на Федералните резерви одлучија да ги задржат каматните стапки на нивните сегашни нивоа.

Записникот покажа дека повеќето претставници на Федералните резерви очекуваат намалување на каматните стапки подоцна оваа година, бидејќи веруваат дека притисокот врз инфлацијата од зголемувањето на царините може да биде „привремен или скромен“.

Овие пораки ги поддржаа очекувањата на пазарот дека каматните стапки ќе бидат намалени оваа година, но не ги поддржаа шпекулациите дека Федералните резерви би можеле да го сторат тоа веќе на јулската сесија.

Поради сето ова, новиот бран зголемување на царините што го најави американскиот претседател Доналд Трамп вчера падна во втор план.

Откако во понеделник објави дека ќе воведе царини за увоз од 14 земји од 1 август, вклучувајќи ги Јужна Кореја и Јапонија, вчера Трамп објави царини за уште седум земји и Бразил.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва веднаш објави воведување на реципрочни царини за увоз на американска стока.

А пораките од Вашингтон и Брисел укажуваат дека деновиве може да се очекува трговски договор меѓу САД и Европската Унија.