
На Волстрит, берзанските индекси пораснаа во средата, благодарение на закрепнувањето на цените на акциите во технолошкиот сектор, но тргувањето беше претпазливо пред новите извештаи за инфлацијата во САД, што може да влијае на очекувањата за каматните стапки.
Dow Jones зајакна 0,45 отсто, на 37.695 поени, додека S&P 500 порасна за 0,57 отсто, на 4.783 поени, а индексот Nasdaq 0,75 отсто, на 14.969 поени.
Растот на S&P 500 и Nasdaq индексот најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките гиганти, како Microsoft, Meta Platforms и Nvidia, кои значително паднаа минатата недела.
Но, се тргуваше претпазливо, како што покажува потпросечниот обем на тргување, бидејќи инвеститорите не се подготвени да преземаат премногу ризици пред извештајот кој ќе покаже како се движела инфлацијата во САД во декември.
Извештајот за потрошувачките цени ќе биде објавен во четврток, а за цените на производителите во петок.
Тие извештаи би можеле да имаат значително влијание врз очекувањата во однос на каматните стапки на американската централна банка.
65 отсто мислат дека ФЕД може да ги намали каматните стапки во март
На крајот на минатата година, цените на акциите нагло пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа на агресивно намалување на стапката од страна на ФЕД, почнувајќи од март.
Но, на почетокот на оваа година, по објавувањето на записникот од минатогодишната седница на ФЕД, ваквите шпекулации стивнаа.
Сега на пазарот на пари се проценува дека има околу 65 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени во март, додека пред десет дена тие шанси беа речиси 80 отсто.
Претседателот на филијалата на ФЕД во Њујорк, Џон Вилијамс, изјави дека се уште е рано да се намалат каматните стапки бидејќи инфлацијата се уште е над целното ниво од 2 отсто.
Внимателни се и инвеститорите бидејќи на крајот на неделата започнува сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите, што значително ќе влијае на насоката на пазарот во наредните недели.











