Технома 2015 свечено ги отвора вратите: Иновациите се вистински хит за оваа година!

26

tehnoma

Овогодинешниот Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита, ТЕХНОМА 2015, кој ќе се одржува од 13-ти до 17-ти октомври на Скопски саем, свечено ќе биде отворен денеска, во 11 часот. Истовремено, за време на Технома ќе бидат отворени и 16-от Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство и 35-та Меѓународна изложба на иновации, Макинова.

Технома годинава ќе понуди 185 изложувачи од кои 135 домашни и 50 странски компании, а се очекуваат повеќе од 25.000 посетители. Трендот како и минатите години се малите и средните претпријатија, додека во фокусот ќе бидат иновациите, енергетската ефикасност и LED технологиите, а за истакнување е и одржувањето на Форумот за иновации и технолошки развој за време на 41-та по ред меѓународна саемска манифестација.

Потврда на меѓународниот карактер на Технома се учествата на компании од цела Европа и пошироко од светот. На Технома 2015 ќе учестуваат компании од Тајван во организација на Советот за развој на трговијата со странство на Тајван (Taiwan External Trade Development Council) и преку Тајванскиот центар за трговија во Софија (Taiwan Trade Center Sofia). Исто така ќе се претстават и повеќе фирми од Унгарија.

Технома 2015 ќе се простира во три хали во кои ќе се претставуваат фирмите, додека во четвртата хала ќе се одвиваат Макинова и Форумот за иновации. Во четвртата хала се и технички факултети со постер презентации на истражувања на професори и студенти, што всушност е и новитетот на саемот. Идејата е да се поврзат претпријатијата со научните и високо-образовните институции со цел формирање на партнерства и можност за аплицирање со заеднички проекти до Фондот за Иновации и Технолошки развој. Постер презентациите треба да придонесат кон промовирање на истражувањата на факултетите пред бизнис заедницата и да овозможат нивна примена кај некое претпријатие со цел подобрени перформанси. Фондот и Скопски саем за прв  пат го организираат и Форумот за иновации и технологии, на кој секој ден ќе има можност за информирање и дискусија со претставници на голем број национални и регионални организации кои обезбедуваат поддршка на претпријатијата, со претставници од високообразовни институции и истражувачи. Дискусиите е предвидено да бидат тематски поврзани со инструментите за финансиска поддршка на Фондот односно „Финансирање на иновации“, „Соработка за развој на иновации“, „Секторски пристап во трансфер на технологии“ и „Ден за старт – ап претпријатија“.

Меѓународниот саем ТЕХНОМА е важен промотор на развојот на индустриското стопанство во регионот.