Технома 2017 од денеска до 29-ти октомври во Вип Арена Борис Трајковски

25

3s3a6389

Годинешното издание на меѓународната саемска манифестација Технома 2017 ќе се одвива на нова локација (Вип Арена Борис Трајковски), во периодот од 25-ти до 29-ти октомври 2017, којашто денеска беше свечено отворена од страна на Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Даниела Глигоровска, извршен директор во Скопски саем, стои во соопштението.

“Важноста на оваа манифестација на сите нѝ е добро позната. Тука се практично излагачите од сите технички сфери на економското живеење во Република Македонија. Посебно ми е драго што има над стотина иновативни проекти од кои 90% се во сопственост на македонските граѓани. Тоа само покажува дека Македонија има иновативни граѓани и јас се надевам дека следната година ќе видиме некои од нив и како добри претприемачи на оваа манифестација. Значењето на оваа саемска манифестација за македонската економија е големо затоа што таа со самото тоа што постои 43 години само по себе говори за нејзината потреба и за нејзината важност. Ова е местото каде што стопанствениците се среќаваат меѓу себе, каде што компаниите имаат можност да ги изложат своите производи, а оние кои што имаат потреба од тие производи на едно место да се сретнат со излагачите, односно со понудувачите. Македонската влада ќе ги подржува и понатаму ваквите манифестации“, рече вицепремиерот Анѓушев.

“Технома 2017 е една од најстарите, а секогаш нова саемска манифестација. Технома годинава ја одржуваме на нова локација, во Вип Арена Борис Трајковски, а во организација на Скопски саем којашто е единствена компанија за одржување на саемски манифестации. Технома 2017 е фокусирана да овозможи поттик на претприемачкиот и иновативниот дух, поддршка на претпријатијата, технологијата, науките, вештините и знаењето. Поттик за индивидуалците со иновативен потенцијал и истовремено поттик за инвестициите за постигнување на поефикасна продуктивност, позитивни резултати во индустриите како што се металургијата, енергетиката, градежништвото и сите останати кои се присутни на овој саем“, рече Даниела Глигоровска, извршен директор во Скопски саем.

Таа додаде дека постојаното прилагодување на условите на пазарот или на иновативните циклуси во индустријата, добрата промоција и одличниот прием кај деловната публика е клучот за успехот и растот на секоја фирма која изложува директно или индиректно на оваа саемска манифестација.