“Тепачка“ за сефови

126

Сефовите во банките во српската престолнина, наменети за чување на скапоцени предмети или важни документи, се скоро целосно зафатени и повеќе нема слободни, пишува српски Новости.

Доколку се достапни, тие најчесто се безбедносни фиоки во оддалечени и помалку достапни делови од Белград. Во последните месеци, од одредени финансиски институции велат дека е зголемена побарувачката за сефови, па затоа понудата е оскудна и недоволна. Покрај тоа, цените на закуп се поволни, нема временско ограничување, а на банките овој сегмент не им е интересен, па затоа не ги зголемуваат капацитетите.

Се проценува дека во Белград има неколку десетина илјади сефови, а дека повеќе од 90% се зафатени. Додека кај некои банки услов да се закупи сеф за чување скапоцени предмети е да се има сметка во таа банка, кај другите финансиски установи правило е да се склучи договор, без обврска за отворање сметка.

И нашите банки обезбедуваат сефови со различни димензии за чување коишто може да се изнајмат за различен временски период. Па така, НЛБ Банка за сеф со димензии 71 х 310 х 420 за цела година, наплаќа 4.200 денари, а за најголемиот со димензии од 510 х 310 х 420 годишниот закуп е 13.400 денари. И Халкбанк во својата понуда има сефови со различни димензии чиј годишен закуп се движи од 2.000 до 4.500 денари.

Фото: Freepik